Директорот на јадранската АБА лига, Јосип Билиќ минатата недела го казни црногорскиот Будуќност со 15.400 евра за лошата организација на средбата со Партизан. По изречените казни, брзо се откри и позадината на фрлањето десетина животински бубрези од страна на навивачите на Будуќност, „Варвари“.
Тренерот на Партизан, Душко Вујошевиќ долго време има здравствени проблеми со бубрезите, а како дијабетичар минатата година голем дел од сезоната ја мина далеку од клупата на црно-белите. Најжестоките навивачи на Будуќност се досетиле на неговата слаба точка и се решиле за морбиден потег.
Некои овој потег со сметаат за дегутантен, одвратен и примитивен, други се насмеаа и не го земаа премногу озбилно, туку како навивачко провоцирање. Сепак, тој нивен „перформанс“, Варвари го гледаат како своевиден реванш кон Дуле Вујошевиќ.
„Откако ние Варвари десет години бевме скарани со управата на клубот и не доаѓавме на кошаркарските натпревари, по доаѓањето на новата управа решивме повторно да следиме кошарка. Пред неколку месеци, кога Будуќност гостуваше кај Партизан, тргнавме со три автобуси за Белград. Сепак, поради сталните притисоци на Вујошевиќ за медиумите, следуваше најавата дека нема да не пуштат во Пионир. На границата нè застанаа 70-80 специјалци и ни кажаа само дека не можеме за Белград, да се вратиме назад. Навивачите на Партизан со години доаѓаат во Подгорица, некогаш имаше и тепачки, но секогаш може да дојдат“, зборува Андреј, еден од водачите на Варвари за Слободна Далмација.
Потегот со бубрезите е оригинален, но истовремено и многу морбиден. Како дојдовте на таа идеја?
„Безобразно беше, но целта ни беше да удриме таму каде што најмногу боли. Бевме спремни на сè нашиот клуб да го добие натпреварот“, додава Андреј.
Вујошевиќ притоа беше и селектор на Црна Гора и роден е во Подгорица.
„Тоа не нè интересира. Вујошевиќ изрече безобразни работи, не нè почитува, па зошто ние би покажувале почитување кон него? Ние немаме никаква врска со политика. Кај нас нема врска дали некој е Црногорец, Србин или Хрват. На трибината на „Варвари“ нема ниту црногорско, ниту српско знаме. Се обидуваме да останеме аполитични, а мотото ни е дека нашата партија е Будуќност, а верата варварска. Меѓу нас има православци, католици, муслимани.
Од каде бубрези и како ги внесовте во сала?
„Ги има во секоја продавница, а во сала ги внесовме како и сите други работи. Земавме свински бубрези, затоа што тој ни личи на свиња“.
Варварите се основани во 1987. година, а скандалот со фрлените бубрези не им бил прв ваков „перформанс“.
„Еднаш на дуелот Будуќност - Зета (во 2007. година) фрлавме пиперки на терен, затоа што Зета е од Голубовци, земјоделски крај. Во друг случај, против Могрен фрлавме големи тениски топки. Тоа беше алузија на поразот на Могрен од Копенхаген во Европа кога два пати загубија по 6-0, а ние ги споредивме со тениски резултат“.
Останува впечаток дека најголемо внимание привлече случајот од пред четири години, кога Варварите собрале расипани риби, кои стоеле на сонце.
„Пред четири сезони имавме проблеми со управата. Вечер пред еден натпревар ја договоривме акцијата со рибата. Смрдливите риби ги ставивме кај ложата. Натпреварот се одигра, а ние го постигнавме своето. Во ложата седеа само градоначалникот и претседателот на клубот, а во глава уште ми е сликата која тогаш беше објавена. Едниот се држи за нос, а другиот нервозно зборува со некој на мобилен“, се присеќа Андреј.
Од секциите на Будуќност, Варвари го бодрат фудбалскиот, кошаркарскиот и женскиот ракометен клуб.
„Со години сите, првенствено ние многу се приближивме до европскиот начин на навивање, италијанските кореографии, англиско скандирање итн. Сепак, овие простори ја задржаа и оригиналноста која понекогаш оди и до примитивизам, а тоа во Европа го немаат“, констатира водачот на Варвари.
Инаку Варвари годинава се појавија и во Скопје, кога го бодреа женскиот ракометен клуб на дуел од ЛШ против ЖРК Вардар, а за нив објавивме и видео кога падобранец влета на терен.
Тепачка со полиција на ракомет во Унгарија:
Извор: Слободна Далмација