Чави смета дека неговата работа е потценета и веќе ја предупреди неговата замена дека ќе има тешка задача.
Работеше под тежок медиумски притисок кој не можеше да го издржи и затоа првично во јануари изјави дека се повлекува по завршувањето на сезоната.
И кога неодамна се случи неочекуван пресврт дека останува, сепак пукна тиквата и Лапорта пред пет дена го отпушти.
„Мислам дека работата што ја направивме не е доволно ценета со оглед на неповолната ситуација во која дојдовме. Барса беше деветта на табелата кога стигнавме на крајот на 2021 година. Завршивме втори. Потоа, во првата целосна сезона освоивме два трофеи, Ла Лига и Суперкуп. Оваа година не беше на потребното ниво, но се сведе на детали во неколку клучни натпревари. Штета, тажен сум, но ова е работа на тренерот“, изјави Чави
Во многу светски медиуми како замена за Чави се споменува Ханси Флик, кој веќе доби предупредување за тоа што го чека.
„Мора да знаат дека ситуацијата е тешка, бидејќи Барселона е тежок клуб, но и поради неповолната финансиска ситуација, пред сè правилата за финансискиот фер-плеј на Ла Лига. Воопшто нема да биде лесно. Ќе страдаат и ќе им треба трпение бидејќи тоа е навистина тешка работа. Единственото нешто што може да ги спаси е да победуваат“.
Го потенцираше и притисокот со кој се соочил како тренер на Барса.
„Ме гледаа под лупа и беше генерирано одредено ниво на очекувања, бидејќи бев дел од најдобрата ера на Барса досега, која играше против мене. Не можев да работам со смиреност. Баравме стабилност пред еден месец кога решивме да останеме".
Не сакаше да открива детали од последниот состанок со Жоан Лапорта на кој бил отпуштен во петокот.
„Не е мое да ги објаснувам мотивите, тоа треба да го направи претседателот. Морам само да ги прифатам и да ги почитувам. Одлуката е донесена и нема враќање назад. Клубот е над кој било човек. Сакав да останам. Чувствата се контрадикторни бидејќи работата беше позитивна и покрај тоа што не освоивме трофеи оваа сезона, мислев дека сме на добар пат. Но, ова е фудбал, треба да се носат одлуки. Среќен сум, горд и задоволен од она што го направивме. Две и пол години и два трофеи во неповолна, тешка ситуација во која се наоѓа клубот, тоа е реалноста“, заврши Чави
Поранешниот играч од средниот ред, кој забележа повеќе од 700 настапи за Барса и освои 25 трофеи, го замени Роналд Куман во 2021 година, откако претходно го водеше Ал Сад од Катар.