Јанг Бојс или на нашки „Млади Момци“ станаа шампиони на Швајцарија по пауза од 32 години и стигнаа до 12-та титула во својата историја. Тоа го сторија во саботата откако го победија Луцерн со 2:1 и му избегаа на Базел на недостижни 13 бодови разлика.
На клупскиот фотограф, Томаш Ходел му дојде една генијална идеја. Во 85-та минута од натпреварот ја закачи GoPro камерата на апаратот и додека го овековечуваше големото славје со фотографии, камерата го снимаше цело тоа лудило.
Сега измонтираното видео е хит и пример за тоа како се слави титула. Го имаат преземено 103 земји, а меѓу нив и Бразил, Шри Ланка, Австралија, Индонезија, Азербејџан, Танзанија, Конго...
Зошто прославата на титулата на Јанг Бојс е интересна во цел свет и ја гледаат луѓе од Африка, Азија и Америка?
„Такви автентични и силни емоции не може да се видат секаде. Во други фудбалски лиги ваквите победи се рутински и нема такви вистински чувства. За разлика па во Берн навивачите мора да чекаат три децении за да го доживеат ова. И кога почна ова навивање, немаше крај“, вели фотографот.
Благодарение на имресивните фотки и видеото на Томаш од денот на победата овие спомени нема да исчезнат.