Брани, а е подобар стрелец од Роналдо, Санчез и Фирмино заедно

По околу еден месец од стартот на најсилните европски лиги, Меси, Бензема, Нејмар, и Мбапе решетаат со по 4 гола, но има ликови кои уште не можат да погодат, како на пример Кристијано Роналдо кој треба да учи од еден голман, деветтолигаш.

Салах, Кејн, Левандовски, Милер, Манџукиќ, Суарез и Фалкао се најзвучните фудбалски имиња кои стартуваа со по 2 гола во првите 3-4 кола во најпопуларните првенства на континентот.
 
Во тоа славно друштво влегува и еден анонимен голман кој само дома го знаат. Се вика Џордан Никсон и брани за Гајзборо Таун, екипа која се натпреварува во деветтата англиска лига.
 
Гајзборо не ја почнаа баш најдобро сезонава, бидејќи на пет средби имаат само една победа, но затоа имааt стрелец на кој ни на крај памет не би сметале затоа што тој е должен да стои меѓу стативите.
Од досегашните 22 гола оваа сезона, 2 се негово дело и тоа во ФА Купот, натпреварувањето кое стартува во месец август со осмо, деветто и десеттолигаши.
 
Поранешниот член на академијата на Мидлзбро на средина од минатиот месец постигна гол во последните мигови од средбата против Њутон за конечни 3:3, со што се избори за реванш, а минатата среда беше меѓу стрелците против лидерот на табелата Хебур Таун, со кого одиграа 2:2.

„Веќе не ми треба дозвола од тренерот за да одам во напад. На минатиот меч знаев дека има уште неколку секунди до крај и дека тоа нафрлување е последно, па затоа тргнав да помогнам. Го покажав својот убиствен инстинкт. Момците не можеа да веруваат кога го направив тоа првиот пат и потоа кога тоа го повторив, почнав лудачки да го славам голот и се стрчав накај корнер знамето. Сите трчаа накај мене, а мојот тренер изгледаше како Жозе Мурињо кога го победи Манчестер Јунајтед како кормилар на Порто“.
Веста за 25 годишниот најдобар стрелец во Англија меѓу голманите стигнала и до Јужна Америка, а неговите голови ги споделиле славни имиња од островот како Џонатан Вудгејт и Роби Кин.

„Мислам дека би можел да станам првиот голман кој ќе бара бонуси во договорот за постигнат гол“.
Џордан Никсон не успеал да обезбеди договор со Мидлсброу и да заигра во повисока лига во која ќе го препознаваат, но двата погодока веќе му донесоа слава и споредба со Роналдо, Санчез и Фирмино кои заедно сезонава имаат постигнато само 1 гол, оној на фудбалерот на Ливерпул.
 
Покрај тоа што игра фудбал во деветта лига, Никсон со брат му држат компанија за продажба на заштитни одела и алати за работници, а во своето фудбалско CV има и настап на Вембли во ФА купот за аматери.
 
Неговите пријатели почнале да се кладат дека на крајот на сезоната ќе има двоцифрен број на голови, но тој смета дека тоа не е добра идеја.
14 септември 2018 - 16:23