Пријателскиот меч против Летонија на арената „Филип Втори" ќе биде деби мечот за новиот селектор Бошко Ѓуровски кој претходно пет години работеше во Јапонија како асистент на Драган Стојковиќ Пикси.
„Натпреварот против Летонија ќе биде посебен, дебитирам на селекторската функција и чувството веќе е позитивно. Се надевам дека луѓето ќе дојдат на Националната арена и ќе ни ја дадат поддршката. До мартовската пресметка со Летонија има доволно време, деталите околу изборот на фудбалери ќе ги соопштиме во наредниот период. Мислам дека ќе биде добар натпревар, Летонија e квалитетна селекција, нивното место на ранг листата на ФИФА, сметам дека не соодветствува со нивниот вистинскиот потенцијал. Ова ќе биде добра проверка, одлична можност да се соочам со квалитетот и потенцијалот на фудбалерите кои ќе добијат шанса во селекцијата", изјави за веб сајтот на ФФМ селекторот Бошко Ѓуровски.
Средбата против Летонија која според рангот на ФИФА се наоѓа на 114 позиција ќе биде првата можност за Ѓуровски да се запознае одблизу со потенцијалот на нашата репрезентација која од наредниот квалификациски циклус за Европското првенство во Франција 2016 година ќе биде ослабена без лидерот Горан Пандев.