Натпреварот почна со брзо и динамично темпо во кое за 4 минути игра гостите поведоа со 2:3. Бранителот на титулата веднаш се наметна со цврста и на моменти многу груба игра во одбраната која на Вардарци им создаваше многу проблеми.
Ракометарите на Хамбург постојано го зголемуваа водството кое варираше помеѓу три и четири голови предност, а во 18 минута за прв пат стигнаа и до +5. Вардарци кружеа долго во нападите и тешко стигнуваа до погодок.
Работите на паркетот се сменија во 24 минута кога Германците добија две искучувања едно по друго, а во тој период од мечот на голот се разбрани Ангелов кој ја крена на нозе публиката во „Борис Трајковски“ и ги мотивираше своите соиграчи. Вардар конечно ја разби крутата одбрана и на полувреме намали на 14:16.
Со голот во последните секунди од првиот дел и двата во низа на Дибиров на стартот од второто полувреме, нашите ракометари конечно стигнаа до реми 16:16. Пеколното темпо и големата борба растеа постојано во вторите 30 минути.
Хамбург ја врати предноста од два гола разлика, но овој пат не можеше да влезе во поголема серија благодарение најмногу на мотивираниот Ангелов кој одлично го чуваше голот на целиот натпревар. Во второто полувреме се разиграа Прибак и Душеабев и Вардар дури пет пати го израмнуваше резултатот по негатива од -2.
Избраните на Гонзалес пропуштија неколку пати да стигнат и до прво водство на мечот, но тоа не им успеа. Жестокото темпо спласна за момент, а гостите на 7 минути до крајот стигнаа за прв пат до +3 во второто полувреме.
Но Вардарци не застанаа и во финишот од мечот успеаа да направија серија од 3 гола за конечни 28:28 со кои ќе патуваат на реваншот за една недела.
Најпрецизен во таборот на нашиот тим беше Тимур Дибиров со 9 погодоци, а фантастична партија имаше Петар Англелов со 15 одбрани.
Пеколната атмосфера на мечот беше осиромешена поради отсуството на „Комитите“ на кои откако им било побарано лични карти на влезот, решиле да го бојкотираат Законот за спречување на насилство на спортските терени.