Избраниците на Боби Милевски се изнамачија 70 минути за да ја крунисаат со триумф видливата желба за победа во 2. коло од Лига на нации и да ја прекинат резултатската криза.
Ја остварија по потешкиот пат, со играч помалку во цело второ полувреме и со доцни голови во 71-ва и 78-ма минута.
Од стартерите во Торсхавн, овој пат ги немаше Серафимов, Митровски и Илјазовски, а на нивно место настапија Зајков, Ашковски и Бабунски.
На Македонија и беше потребно околу половина час време за да влезе во ритам и да стане офанзивна и опасна по голот на Ерменците кои не покажаа ништо на Градски.
Најзрелата шанса во првиот дел ја имаше Елмас, а од далечина дрско се заканија Бабунски и Барди.
Ерменија беше во подредена улога и речиси безопасна по голот на Димитриевски, а на нашата селекција и фалеше да биде поконкретна во напад.
Во самиот финиш од првиот дел Ѓоќо Зајков беше исклучен поради два жолти картони, но тоа не го промени пристапот на нашиот тим кој беше надмоќен и во второто полувреме.
Стравот дека нема да успееме да победиме и против една ваква Ерменија, заврши во 71-та минута со ремек делото на специјалистот за слободни удари, капитенот Енис Барди кој ги држеше конците во играта на цел натпревар.
Победата ја потврди Бојан Миовски кој одлично се снајде во шеснаесетник против тројца и го прекина постот од три натпревари без гол.
Во следните две кола кои се на распоредот во октомври, Македонија има две гостувања против Летонија и Ерменија на 10 и 13 октомври.