Иако има уште еден месец до почетокот на квалификациските средби за Светското фудбалско првенство во Бразил 2014, во Хрватска владее вистинска еуфорија за мечот помеѓу лутите ривали Хрватска и Србија.
Сликите кои денеска пристигнуваат од Хрватска наликуваат на чекалница каде што можат да се набават билети за некој финален натпревар за Лигата на шампионите или пак за некое светско првенство. Продажбата на билетите за натпреварот во Загреб кој е закажан за на 22 март започна утринава во 9 часот, а неколку часа подоцна се беше продадено.
Фановите на Хрватската репрезентација пред продажните места кампираа цела ноќ на ниски температури, завиткатни со ќебиња само за да ја бодрат својата земја. Освен во Загреб сликата била слична и во Ријека, Сплит, Пила, Шибеник и Вараждин.
Првиот навивач кој се израдува со купена влезница беше околу 10 часот, а поради големиот интерес серверот паѓал неколку пати. Истовреме продажбата почнала и преку интернет, каде пристапот бил отежнат поради преголемиот број заинтересирани кои преку електронски пат сакале да стигнат до карта.
Иако капацитетот на стадионот „Максимир" е со 35 000 седишта, за овој меч се интересирале околу 60 000 навивачи. Хрватскиот фудбалски сојуз во продажба пуштил 25 000 влезници, а цените се движат од 7 до 33 евра. Влезница има право да купи само хрватски државјанин.
Инаку како што е веќе познато фудбалските сојузи на двете земји донесоа одлука да се забрани организирано патување на гостински навивачи, затоа што се работи за натпревар од висок ризик. Истиот ден на арената „Филип Втори" македонската фудбалска репрезентација ќе се сретне со селекцијата на Белгија.