Македонската репрезентација натпреварот го почна како да е апсолутен фаворит на овој натпревар. На самиот старт Пандев од левата страна испрати перфектен центар шут на втората статива каде осамен беше Јаховиќ, но тој не успеа да ја крене на нозе публиката на „Филип Втори".
Следната минута нашиот капитен од слободен удар повторно нафрли употреблива топка во срцето на шеснаесетникот, но Тричковски биеше покрај голот. Иако нашите фудбалери играа храбро и со сите сили се обидуваа да го отворат резултатот, Кевин Де Бруин во 26 минута остана сам по десната страна и го матираше Пачовски кој интервенираше на погрешната страна.
Составот на Чеде Јаневски се обидуваше да го израмни резултатот, но недостасуваше завршниот удар за гол. Во 37 минута Агим Ибраими се закани од слободен удар, но упати млак шут. На 5 минути до крајот Тричковски го пронајде Пандев кој со десна биеше над голот. Последната шанса во првиот дел ја имаше Ибраими кој шутираше силно од работ на шеснаестеникот, но Куртоа го прочита неговиот обид.
Првата посериозна прилика за гол во второто полувреме се случи во 60 минута, кога по контрата на Ибраими, Тричковски шутираше на прва од околу 15 метри, но ударот го скроти еден од дефанзивците на Белгија. Ладниот туш за избраниците на Јаневски кои се носеа рамноправно со големите ѕвезди, стигна по само една минута кога Азар беше соборен во шеснаесетникот и од пенал зголеми на 2:0.
Македонија не се продаде, а нашиот селектор се одлучи да го освежи нападот со Мирко Ивановски кој влезе на местото на Адис јаховиќ. Во 70 минута Агим Ибраими се обиде да бие од косо, но ја погоди мрежата од надворешниот дел на голот. По 5 минути игра имаше спорен момент на мeчот, откако Ивановски падна во шеснаесетникот, но судијата Дениз не покажа на белата точка.
Шанса за 3:0 гостите имаа преку стрелецот на првиот гол Де Бруин кој шутираше покрај голот. Јаневски на 8 минути до крајот ги направи и останатите две измени. На местата на Хасани и Тричковски во игра влегоа Дарко Тасевски и Александар Трајковски. Македонија се бореше до последните мигови, а на 3 минути до крајот Пандев се обиде да постигне почесен гол.
Ситуацијата во нашата група сега е многу поизвесна. Белгија и Хрватска со денешните победи имаат по 13 бода, а Македонија и Србија само по 4.