Бекам заработува повеќе од Меси и Роналдо

Лионел Меси и Кристијано Роналдо заработуваат по околу 20 милиони долари годишна плата од нивните клубови, Дејвид Бекам „само“ 9, но кога на оваа сума ќе се додадат и парите од спонзорите, тој сè уште има најголема заработка помеѓу фудбалерите.

Најдобро платени фудбалери на светот според магазинот Форбс:

Стивен Џерард - 16 милиони долари

Доживотниот капитен на Ливерпул оваа година ќе наполни 32 години, а во јануари доби продолжување на договорот. Неговата заработка најмногу доаѓа од платата од клубот, но има и неколку помали спонзорски договори како оној со Адидас.

Френк Лампард - 16 милиони долари

Лампард годишно заработува околу 12,5 милиони и „само" околу 3,5 милиони од спонзори, но оваа бројка може да се зголеми следната година кога ќе му заврши договорот со Челси и ќе ги следи стапките на Бекам со преминување во САД.

Фернандо Торес - 17 милиони долари

Најскапото засилување во историјата на Премиер лигата за кого Челси плати 50 милиони фунти, освен платата од клубот, заработува и од Пепси и Најк.

Јаја Туре - 18 милиони долари

Платата на Туре во Манчестер Сити изнесува 15 милиони долари, а тој ужива и во заработката од неколку спонзорски договори од кој најголем е оној со Пума.

Џон Тери - 18 милиони долари

Тери заработува 12 милиони долари годишно од Челси и имаше неколку големи спонзори покрај него, но тие почнаа да го напуштаат откако тој по втор пат ја загуби капитенската лента, а го очекува и судење за расистичките навреди. Неговиот најголем спонзор, Умбро ја избриша неговата слика од нивната вебстрана, но се уште го спонзорира.

Кака - 21 милиони долари

Бразилецот полека се враќа во добра форма и покрај високата плата од Реал Мадрид, тој си ги задржа спонзорите како Адидас и ЕА Спортс.

Вејн Руни - 24 милиони долари

По неколкуте црвени картони и минатогодишниот скандал со проститутки, Руни го загуби спонзорството од Кока Кола, но неговиот дрес и натаму е најпродаван во Премиер лигата и тој ужива во парите од Манчестер Јунајтед, Најк, ЕА Спортс...

Лионел Меси - 39 милиони долари

Меси заработува скоро 20 милиони долари годишно од Барселона, а неколкуте рушења на рекорди оваа сезона, константно му носат нови спонзорски договори и бонуси од постоечките спонзори како Адидас, Пепси, ЕА Спортс... со што тој заработува подеднакво на теренот и надвор од него.

Кристијано Роналдо - 42 милиони долари

Роналдо има над 42 милиони фанови на Фејсбук и над 8 милиони на Твитер со што тој е најпопуларниот спортист на интернет. Неговата популарност му донесе 21 милион од спонзорите како што се Најк, Кастрол и Конами.

Дејвид Бекам - 46 милиони долари

Бекам не игра во Европа од 2006-та година и не е во репрезентацијата на Англија уште од 2009-та година, но тој се уште заработува најмногу. Тој од неговиот клуб во САД добива плата од „само" 9 милиони долари, а дури 37 милиони долари годишно заработува од Адидас, Самсунг, Бургер Кинг...

20 април 2012 - 11:22