Веднаш откако Дејвид Бекам објави дека се пензионира, илјадници луѓе се впуштија во акција за обезбедување на влезница за последниот натпревар на англиската икона.
Во целиот тој хаос и брза потрага по информации, стотици неинформирани навивачи ги помешаа имињата на клубовите. Според календарот, последниот натпревар на ПСЖ оваа сезона е гостувањето кај Лориен, но на многумина им се слушнало името на англискиот третолигаш Лејтон Ориент, па тие почнале да се јавуваат во канцелариите на клубот и да бараат влезници.
На челниците на Лејтон Ориент до толку им здосадиле телефонските повици, што тие преку Твитер и неколку соопштенија мораа да ги информираат навивачите дека последниот натпревар на Дејвид Бекам нема да биде против нивниот тим.
Во последното коло од француската лига, екипата на ПСЖ оваа недела ќе му гостува на Лориен, но Дејвид Бекам најверојатно воопшто и нема да настапи на овој натпревар откако се збогуваше со домашните навивачи на последниот дуел со Брест.