Баварската машинерија газдува во Бундеслигата со пет титули по ред

Со убедлива победа од 0:6 на гости против Волфсбург, Баерн Минхен е старо-новиот шампионат во Бундеслигата. Избраниците на Карло Анчелоти го искористија киксот на Лајпциг и предвреме ги разрешија дилемите околу трката за титулата.

Фудбалерите на Баерн Минхен експресно брзо ги заборавија најлошите 14 дена во последните 22 години за клубот, кој се соочи со елиминација во Лигата на шампионите и Купот на Германија.
 
Серијата од пет меча без победа на сите натпреварувања ја завршија на најдобар можен начин, со нанесување дебакл на Волфсбург кој значи нова титула број 27 во нивната историја.
 
Давид Алаба, Ариен Робен, Томаш Милер, Кимик и на два пати Роберт Левандовски беа творци на петардата.
 
Баерн има 73 бода на три кола до крајот, а зад нив се Лајпциг со 63 и Борусија Дортмунд со 57 кои денеска одиграа 0:0 против Келн и Инголштад. На 31 меч постигнаа 77, а примија само 17 голови.

Баварците се рекордери по бројот на титули во германскиот фудбалскиот шампионат и не му даваат на никој да писне во изминативе пет години. Во сезоната 2012/2013 ја освоија со Јуп Хајнкес, потоа доминацијата продолжи со Пеп Гвардиола кој славеше три сезони по ред, а серијата денеска ја заокружи Карло Анчелоти.
 
9 од тие 27 титули Баерн Минхен ги освои во последните 13 години што е потврда плус за апсолутната доминација на најтрофејниот германски клуб во историјата кој се радуваше во: 1931–32, 1968–69, 1971–72, 1972–73, 1973–74, 1979–80, 1980–81, 1984–85, 1985–86, 1986–87, 1988–89, 1989–90, 1993–94, 1996–97, 1998–99, 1999–2000, 2000–01, 2002–03, 2004–05, 2005–06, 2007–08, 2009–10, 2012–13, 2013–14, 2014–15, 2015–16, 2016-17.
 
За Карло Анчелоти ова е голем дострел во кариерата. Тој успеа во четири од петте најсилни лиги во Европа каде беше тренер да освои титула. Со Милан (2003/2004), Челси (2009/2010), ПСЖ (2012/2013) и Баерн Минхен (2016/2017). Со Реал Мадрид не успеа, но затоа стигна до посакувата „Ла Десима“ во ЛШ.
 
Головите од мечот со Волфсбург

29 април 2017 - 20:24