Секојдневните наслови за тоа дека Барселона бара ново засилување во нападот како да ги збуни неупатените во материјата, па многумина се прашуваа како ќе купуваат сега играч среде февруари кога пред скоро месец дена заврши зимскиот преоден рок?
Каталонците сакаат да го искористат правилото на Шпанската кралска фудбалска федерација кое дозволува доколку еден тим има повреден играч кој ќе отсуствува најмалку 5 месеци, тогаш може да се направи исклучок и да му се дозволи да купи друг фудбалер но под одредени услови: да биде регистриран во шпанска Ла Лига, односно да купат играч само од шпанската лига, не од надвор.
Прво на Барселона на долго (скоро до крај на сезона) им се повреди Луис Суарез, па после по операцијата на Осман Дембеле, финскиот доктор рекол дека Французинот нема да игра до завршување на сезоната. Ова им даде можност да побараат дозвола од шпанската федерација. И побараа.
Лекарската комисија при Федерацијата има 3 дена да го разгелдува барањето и здравствениот извештај на повредените играчи, па Барселона денес конечно добила зелено светло да пазари нов фудбалер во нападот. За такво нешто сега на „Камп Ноу“ имаат рок од 15 дена.
Новинарите веќе неколку недели врзуваат одредени помалку познати напаѓачи од Ла Лига со Барселона, а најмногу се зборува за Анхел Родригез, 32-годишна гол машина на Хетафе кој сезонава има повеќе од 15 гола во сите натпреварувања.
А викендов Барса го пречека токму Хетафе и многу се намачи да го победи со 2-1. А единствениот гол за гостите го даде токму Анхел Родригез кој го импресионираше „Камп Ноу“.
Доколку дојде во Барселона (се збори за 9-10 милиони евра), овој шпиц нема да може да игра во Лига на шампиони туку само во натпревари под закрила на шпанската федерација. Според шпанските медиуми, наводно Барселона ако не се договори за Анхел, би тргнала по поскапата варијанта, Мартин Бретвејт од Леганес чија вредност изнесува 27 милиони евра. Данецот (28) сезонава на 24 меча има 6 гола.
А во меѓувреме по тешката повреда на својот стопер Езекјел Гарај, и Валенсија сакала да го искористи ова правило на Шпанската фудбалска федерација.
ЧУДЕН ФОРМАТ НА СУПЕР КУПОТ
Откако ги изненади сите со организација на шпанскиот Супер Куп дури во Саудиска Арабија и тоа организиран во Ф4 формат на кој учествуваа полуфиналистите од лани (Барселона, Реал Мадрид, Валенсија и Атлетико), шпанската РФЕФ сега смени правило.
Веројатно поради фактот што и Барса и Реал и Атлетико и Валенсија испаднаа од Копа дел Реј, па на екстремно богатите Саудијци догодина шпанскиот Супер Куп не би им бил интересен со Мирандес, Гранада или Сосиедад, шпанската фудбалска федерација одлучи на Супер Купот да играат шампионот и вицешампионот од Ла Лига и финалистите од Купот.
Свесни се од шпанската фудбалска лига дека нивниот Супер Куп не би имал голема продажба на карти и тв права во Саудиска Арабија ако таму не играат Реал или Барса или Атлетико Мадрид, Валенсија.