Барселона против правилата на ФИФА

Фудбалскиот клуб Барселона ќе ја обжали одлуката на ФИФА со која на 6 членови на нивната школа Ла Масија им е забрането да играат за младинските тимови заради прекршување на регулативите за интернационални трансфери на малолетни фудбалери.

Во познатата фудбалска академија на Барселона тренираат голем број на млади фудбалери родени надвор од Шпанија, но нивните трансфери им создадоа проблеми.

ФИФА и нареди на Барселона да изостави 6 фудбалери од своите редови за следните натпревари на младинските тимови. Тоа се Тео Кендри од Франција, Ли Сунг Ву, Паик Сунг-Хо и Јанг Геоли од Кореја, Бобу Адеканје од Нигерија и Патрис Сусиа од Камерун.

Веќе подолго време ФИФА работи на заострување на контролата за трансфери за млади фудбалери. Проблемот при трансферите на овие 6 фудбалери е тоа што Барселона не ги доставила потребните документи за преселбата на нивните семејства.

Портпаролот на Барселона во одбрана на клубот уште еднаш ги потенцираше вредностите на младинската академија Ла Масиа каде децата тренираат фудбал, а клубот се грижи за нивното сместување, правилна исхрана и образование.

Во оваа школа израснале Меси, Пике, Фабрегас, Иниеста, Валдез, Мота, Артета, Чави, Пујол, Гвардиола...

28 февруари 2013 - 12:48