Барем некој ќе профитира од одложената Јуве – Милан

Брзото ширење на корона вирусот тотално ги комплицира спортските настани, особено во Италија, која е најзаразена земја во Европа. На Јувентус стадиум синоќа немаше фудбал, ама па тоа придонесе да чуеме една убава вест.

Реванш полуфиналните натпревари од Купот, Јувентус – Милан и Интер – Наполи кои требаше да се играат вчера и денес, ги одложија поради короната. Но на Јуве им дојде една одлична идеја откако се донесе одлука да не се игра нивниот меч.

Актуелниот шампион на Италија ќе ја донира цела храна која беше наменета да се продава во рамките на стадионот и се разбира таа ќе оди кај сиромашни луѓе.

Се работи за јадење од три тона кое требало да се продава во баровите околу Алијанц Стадиум, како и храна која првично била наменета за преку 4.000 луѓе кои се дел од Премиум клубовите.

Гестот на Јуве е одличен, затоа што другото сценарио веројатно ќе беше таа да заврши во ѓубре.

Инаку целата организација околу делењето на храната ќе оди со помош на четири здруженија од Торино кои ќе се погрижат таа да заврши на оние на кои што им е неопходна.

Италијанските фудбалски власти мака мачат за да го прилагодат распоредот на натпреварите до крајот на сезоната и донесоа 18 правила за играчите како превенција од висурот.

5 март 2020 - 16:03