Некои прослави се подобри од другите. Така било и ќе биде. Но проблемот се јавува кога поканетите нема да се појават и забавата ќе изостане.
Вчера околу 19:20 Макс Крусе го даде единствениот гол во победата на Борусија Менхенгладбах над Волфсбург, со што Баерн Минхен и теоретски ја обезбеди титулата во Бундес лигата. Баерн попладнето славеше 1-0 против Херта Берлин и чекаше информации од Менхенгладбах.
Дека Баварците ќе станат шампиони се знаеше уште одамна, но вчера оваа вест стана официјална: Баерн е првак на Германија по 25 пат во историјата и по 24 пат откако постои Бундеслигата (52 години).
Како што доликува, навивачите од целиот свет излегуваат на главниот плоштад во градот, пијат, се веселат и ја прославуваат титулата. Вчера во Минхен немаше ништо од ова. Околу 20:30, еден час после поразот на Волфсбург се појави фотографија од плоштадот Мариенплац, кој беше пустински празен. Тоа им беше доволен доказ на навивачите на другите екипи да збиваат мајтап со Баварците.
„Да се надеваме дека нема да има инциденти“, напишал некој на Твитер, а друг додал „Има двајца повеќе од лани“ или „Денес добив 100 евра на лотарија, ќе ги честам вечера сите оние што се на Мариенплац во моментов“. Навивач на градскиот ривал Минхен 1860 додал: „Кај дедо ми на погреб имаше повеќе луѓе и атмосферата беше поведра од овде“.
Навивачите на Баерн Минхен одговорија на критиките дека „ќе ја слават титулата во последното коло, за да не им сметаат на играчите пред најважните мечеви од сезоната како што направија лани“. Инаку, фудбалерите на Пеп Гвардиола до крајот играат полуфинале на германскиот куп, во среда против Дортмунд а ги очекува и тежок двомеч против Барселона во Лигата на шампионите.
Сепак имаше и некои фудбалери кои не беа среќни што Баерн ја освоил титулата во саботата и што не може да прослават на прав начин.
„Мислам дека не е забавно да ја прославиш титулата на двоседот дома“, изјави капитенот Лам. Уште поотворен беше Томас Милер: „Фрустрирачки е. Се трудиш цела година да го освоиш првенството, а потоа успехот паѓа во втор план затоа што конкурентот некаде кикснал. Ако некој ми гарантираше дека ќе станеме шампиони, сакав тоа да биде во последното коло“, заклучи Милер, разочаран што ќе чека за прославата.
Необично Томас Милер освои 12 титули со Баерн Минхен, а само една ја прослави на својот стадион, онаа од Суперкупот во 2012 година. Сите други трофеи ги славел на гостински стадиони или на двоседот како вчера. Милер во 2012 година му даде гол на Челси во 83' минута од финалето на ЛШ, но тогаш Баерн загуби на пенали на Алијанц Арена.
На крајот капитенот Лам ја спушта топката:
„Пред да одиме на одмор, ќе организираме една прослава со нашите навивачи, се надевам дека тогаш ќе славиме тројна круна со трофеите од ЛШ и германскиот Куп“.
Финалето на ЛШ и финалето на германскиот Куп се играат во Берлин, од каде Баерн планира да се врати во Минхен пред преполниот полштад Мариенплац...