Баерн е Баерн, ПСЖ рутински во четвртфинале

Дури и во ситуација кога сите го прежалија во Бундеслига каде Баер Леверкузен му избега 10 бода, Баерн Минхен се крена и во Лига на шампиони апсолутно заслужено оди во четвртфинале. 12-то во последните 13 сезони за Баварците кои го совладаа Лацио убедливо со 3:0 и лесно ја надоместија негативата од првиот меч.

Фаворитите ги оправдаа своите улоги. И Баерн Минхен и Пари Сен Жермен полесно од очекувањата се справија со своите ривали. Баварците уште во првиот дел ја надоместија негативата од првиот меч, а ПСЖ и Луис Енрике го имаа сјајниот Килијан Мбапе кој со два нови погодоци го носи својот тим во ново четвртфинале.

Резултати 1/8 финале на Лига на шампиони, реванши:

БАЕРН МИНХЕН - ЛАЦИО 3:0 (2:0), вкупен резултат 3:1
/Хари Кејн 38', 68', Томас Милер 45+2'/

Мануел Нојер вечерва го израмни рекордот на Икер Касиљас во нокаут фаза од Лига на шампиони и сега има 57 меча без примен гол во елиминациските рунди. На германскиот голман тоа му успеало на 136 натпревари а на Касиљас на 177 меча. Џиџи Буфон имал 52 натпревари во елиминациска рунда без примен гол.

РЕАЛ СОСИЕДАД - ПСЖ 1:2 (0:1), вкупен резултат 1:4
/Микел Мерино 89’ - Килијан Мбапе 15’, 56’/

5 март 2024 - 22:51