Светската куќа на фудбалот неодамна ја претстави полисата „Светско првенство за сите навивачи" сo која за наредниот Мундијал во Бразил се пофали дека ќе понуди поевтини билети за разлика од другите планетарни спортски собири.
Но тоа не е случај и со авионските компании кои ќе им предизвикаат главоболки на навивачите кои со авион ќе патуваат во Бразил и тоа од јужноамериканскиот континент, па и за жителите на домаќинот кои ќе патуваат од еден до друг град.
Оние кои живеат во главниот град Рио де Жанеиро, а сакаат да проследат натпревар во Сао Паоло кој е оддалечен 400 километри ако сакаат да патуваат со авион ќе треба да платат дури 870 долари за повратен билет.
Аргентинците пак кои идното лето планираат да заминат во Бразил со авион подобро нека запалат кола или нека фатат воз, затоа што од Буенос Аирес до Рио или Сао Паоло повратна карта за тој период чини 1900 долари.
Интересно е што за иста цена Аргентинците може да летаат и до Пекинг, а доколку одберат било која од двете дестинации во Бразил во месец декември оваа година тоа задоволство ќе ги чини 870 долари, а тоа е повеќе од двојно поевтино отколку за време на Мундијалот.
Бразилските медиуми упатија жестоки критики до авионските компании кои не го издржаа притисокот и веќе почнаа да ги намалуваат цените, а објаснување од нив побара и Министерството за туризам.