Меси и пријателите гостуваат во Ла Паз од каде што немаат баш пријатни сеќавања. До сега таму имаат одиграно 7 натпревари и победиле само 2 пати, а последниот пат кога во 2009-та година одиграа на стадионот Хернандо Силес, Аргентина под водство на Диего Марадона загуби со 6:1.
Боливија е секогаш незгоден противник на нивен терен, но не заради притисокот од гласните навивачи, туку заради притисокот од големата височина. Стадионот во Ла Паз се наоѓа на 3.637 метри надморска височина и гостинските фудбалери се соолуваат со големи проблеми при аклиматизирањето.
Но овој пат Аргентинците решија да посветат поголемо внимание на приспособувањето на фудбалерите на таквите услови, па за време на подготовките тие поминуваат долго време во комора која ги симулира условите на голема височина.
Оваа тактика им помогна на фудбалерите на Чиле кои минатата година се подготвуваа во ваква комора пред нивното гостување во Боливија и победија со 0:2.
Во 2007-та година ФИФА забрани да се играат квалификациски натпревари на стадиони кои се наоѓаат над 2.500 метри надморска височина. По големите протески, тие ја поместија границата на 3.000 метри, а единствено исклучок се прави за стадионот Хернандо Силес во Боливија, со што тоа е највисокиот фудбалски стадион на светот на кој се играат официјални меѓународни натпревари.