Адел Тарабт би можел да биде продаден од Бенфика, по само четири месеци во португалскиот шампион.
26-годишниот Мароканец во јуни потпиша 5-годишен договор со Бенфика, откако КПР одлучи да го раскине договорот со него по испаѓањето од Премиер лигата. Адел Тарабт играше и за Милан, пружи неколку добри партии на Сан Сиро, но тоа не беше доволна причина Адриано Галијани да го задржи во екипата.
Сега неизвесна е и иднината на Тарабт во Лисабон, откако го прекршил клупскиот правилник затоа што излегол во град на само неколку часа пред првенствениот натпревар минатата сабота против Пакос Фереира (3:0).
Тарабт е обвинет дека цела ноќ бил излезен надвор од градот и останал до следното утро, што се коси со кодексот на Бенфика играчите да бидат дома пред 23 часот ноќта пред мечот. Португалскиот клуб од стадионот Луж сега ги разгледуваат сите опции, а не се исклучува ниту можноста Тарабт да биде ставен на трансфер листата уште во јануари.
Адел Тарабт минатата сезона беше на удар на навивачите на Квинс Парк Ренџерс, затоа што недоволно се залагал на тренинзите на тимот од западен Лондон. Во меѓувреме, Мароканецот ги полни португалските весници откако од клубот му наложиле да ослабне 1,5 кг или во спротивно нема да игра.
„Мојот критериум во избор на играчите е нивниот квалитет, без разлика дали е млад или стар, Португалец или странец. Кога доаѓа до промена на земјата, некои се адаптираат побрзо од другите и тоа е нормален процес. Кога ќе видиме дека се спремни, ги викаме“, изјави тренерот на Бенфика, Руи Виториа.
Не е првпат Тарабт да има проблем со килажата. Неговиот тренер во КПР, Хари Реднап минатиот октомври се скара со Мароканецот.
„Не е повреден, туку не е спремен. Не е спремен да игра фудбал. Играше за резервниот тим пред некој ден и јас да влезев на терен ќе истрчав повеќе од него. Во тимот ставам играчи кои се трудат, кои работат напорно секојдневно, тренираат и покажуваат добри навики“, изјави лани Хари Реднап.