Страмачони го наследи Клаудио Раниери на клупата на Интер во март оваа година, но беше назначен за привремен тренер. Задоволни од неговото раководење со тимот, управата на клубот реши да му понуди постојан договор на 36-годишниот Андреа Страмачони и тој потпиша договор со траење до 2015-та година.
Кој е младиот стратег кој ја доби довербата на Масимо Морати?
Андреа Страмачони е роден во Рим и во младоста бил редовен на стадионот Олимпико, а често бил присутен и на трибината со „Курва Суд" каде што се најжестоките навивачи на Рома.
Тој бил талентиран дефанзивец во локалниот тим Ромулеа, а во 1994-та година потпишал со Болоња, но заради тешка повреда на коленото морал да ја заврши кариерата по само една година.
По повлекувањето од професионалното играње фудбал, на 24 години ја започнал тренерската кариера и постигнал добри резултати со малите тимови АЗ Спорт и Ромулеа по што тој бил приметен од Ариго Саки кој го поканил да биде тренер на младите категории на Рома.
Со пионерскиот тим на Рома станал шампион на Италија во 2007-та и 2010-та година по што неговиот пријател Саки кој во меѓувреме стана координатор на младинските репрезентации на Италија, му понудил да го преземе кормилото на националниот тим до 17 години. Страмачони бил подготвен да ја прифати понудата, но во меѓувреме стигнала понуда и од Масимо Морати за предводење на младинскиот тим на Интер.
Дипломираниот правник постигна одлични резултати и на 25. март го совлада Ајакс во финалето на новоформираната Лига на шампиони за фудбалери до 19 години. На истиот ден првиот тим на Интер загуби од Јувентус со 2:0.
Веќе следниот ден Интер го отпушти Клаудио Раниери и го назначи Страмачони за привремен тренер. Најмладиот тренер во Серија А го предводеше Интер на 11 натпревари на кои забележа 7 победи, 2 нерешени и 2 порази и го одведе тимот до 6-та позиција што беше доволно за Масимо Морати да му ја укаже довербата.