Датумот 4 мај 1949 година во Италија е запишан со црни букви за фудбалот кога целиот тим на Торино загинал во авионска несреќа. Клубот се враќал од Португалија каде играл пријателски натпревар против Бенфика и на враќање се срушил во Базиликата Суперга во Торино.
Никој од 31 патници не успеал да преживее, а покрај 18-те играчи во авионот биле петмина членови на стручниот штаб, тројца познати новинари, четворица членови на екипажот и еден организатор.
Големиот Торино во тоа време бил незадржлив и освоил рекордни 5 Скудета во низа во периодот од 1943 до 1949 година година. Во тој период поради Втората Светска војна суспендирано било само првенството во сезоната 1943/1944.
Таа генерација на Торино е единствена со 5 шампионски титули освоени по ред, како и прва која успеала во иста сезона да освои Скудето и Куп на Италија. За квалитетот на играчи говори податокот кој вели дека на пријателски меч меѓу Италија и Унгарија, во националниот тим настапиле дури 10 членови на Торино.
Меѓу загинатите бил и Валентино Мацола, татко на познатиот Сандро Мацола кој потоа освои две европски титули со Интер.
„Кога се шетавме низ Торино, не можев да разберам зошто луѓето постојано го застануваат. Тоа ме плашеше, бев дете и цело време го држев цврсто за рака. Можам да кажам дека таа сигурност со држење за раката е најсилната меморија која ја имам од тоа време“, вели Сандро Мацола кој имал 6 години кога се случила трагедијата.
Тројца фудбалери на Торино не отпатувале на тоа гостување, а еден од нив е Ласло Кубала потоа иден играч на Барселона. Тој практично се спасил самиот откако одлучил да остане дома и да се грижи за синот кој бил болен.
Несреќата внесе голем страв во клубот кој никогаш потоа не успеа да го достигне тоа ниво на успех, а во градот секоја година им се оддава почит на жртвите кои го направија историскиот успех за Торино.