100 дена до Мундијалот во Бразил

Броиме ситно. Уште точно 100 денови до најважното фудбалско натпреварување во светот. На 12 јуни треба да започне Светското првенство во фудбал во Бразил, а домаќините абер си немаат.

Организаторите на Светското првенство во Бразил имаат уште нешто повеќе од три месеци за да ги средат проблемите во сите 12 градови кои ќе бидат домаќини на 32 најдобри фудбалски репрезентации.

Бразилците ја добија организацијата во 2007-та година и имаа седум години за да се подготват. ФИФА им даде рок до лани, но четири стадиони сè уште не се доградени. И не се само стадионите проблем. Не им се готови ни аеродромите, патиштата, хотелите...

Освен проблемите со инфраструктурата, Бразилците не можат да кренат глава и од протестите на населението. Тие се бунат дека непотребно се трошат огромни средства за фудбал, а државата им тоне од други проблеми. Според последните анкети во една од најфудбалските земји на планетата, само на 52% од граѓаните им е по ќеиф што нивната земја е домаќин на Светското првенство.

Но првиот човек на ФИФА ја смирува ситуацијата. Блатер е свесен дека Бразил има проблеми, но вели дека има доволно време до почетокот затоа што сите проблеми биле под контрола.

Стотка до Бразил 2014

ФИФА објави неколку интересни факти за турнирот низ бројки чиј збир го дава бројот 100 - денови до почетокот на Светското првенство:

1 - единствен дебитант ќе биде Босна и Херцеговина која ќе биде 77-та репрезентација што ќе игра на Светското првенство.

2 - број на репрезентации кои во Бразил ќе одиграат 100 натпревари на Светските првенства (Германија и Бразил).

3 - број на поранешни светски шампиони во групата Д - Англија, Италија и Уругвај

4 - број на Светски првенства одиграни во Јужна Америка - Уругвај 1930, Бразил 1950, Чиле 1962 и Аргентина 1978.

5 - број на држави кои биле домаќини по два пати - Бразил 1950 и 2014, Мексико 1970 и 1986, Италија 1934 и 1990, Франција 1938 и 1998 и Германија 1974 и 2006.

6 - број на градови кои ќе бидат домаќини по втор пат по 1950 - Бело Хоризонте, Коритиба, Порто Алегре, Ресифе, Рио де Жанеиро и Сао Паоло.

9 - број на репрезентации кои играле во Бразил 1950, а ќе играат и оваа година - Бразил, Чиле, Италија, Англија, Мексико, Шпанија, Швајцарија, Уругвај и САД.

10 - број на титули кои ги имаат освоено европските репрезентации. Една помалку имаат репрезентациите од Јужна Америка.

16 - број на години по последниот настап на Колумбија на едно Светско првенство.

20 - Светското првенство во Бразил ќе биде 20 по ред, а Бразил е единствена репрезентација која учествувала на сите Мундијали

24 - број на репрезентации кои играа на минатото Светско првенство во Јужна Африка, а ќе играат и во Бразил.

4 март 2014 - 11:02