Off Topic

И за висината ли лажеше бе, стари?

На њујоршката возачка дозвола од 2012 година, на негова 66 годишна возраст, наведено е дека Доналд Трамп е висок 187 сантиметри. Подоцна изгледа се има извишено па последниве години службите инсистираат дека е висок преку 190 сантиметри. Деновиве се сретна со лидерот на сенатското мнозинство Џон Тун кој е висок 193. Што значи дека разликата  меѓу нив би требало да биде само три сантиметри. А скоро цела глава е.

Лионел Меси е статистичка аномалија

Перформансите на аргентинскиот фудбалски патријарх во голови и асистенции толку остапуваат од нормалната крива на дистрибуција што кога просекот на висината на луѓето би изнесувал 1,75 метри, Меси би бил висок над 2,30 метри. Веројатно никогаш во животот нема уште еднаш да видиме таков феномен, во која било област.     

Во Битола би го викале Темнио

Меланoтан II е синтетички пептид аналоген на природниот хормон кој го имаме. Развиен е во 1980-тите години на Универзитетот во Аризона како средство за потемнување на кожата без потреба од долго изложување на сонце. Не е одобрен од ниедно регулаторно тело но се продава нелегално а се инјектира поткожно. Изгорен од желба да биде потемнет, еден цреп го користел цели 17 години, за да сподели слики „пред и потоа“. 

Трамп е првиот американски претседател победен од едноклеточен организам

Фамозниот рефлектирачки базен на Трамп за кој пукна околу 15 милиони долари (дадени со директен договор, без тендер и наддавање) позелене од алги и почна да се лупи. Тврди дека некој со нож го има сечено. Кој доаѓа бре со нож за да сече бетонски базен? Ене ги, сега околу него ставаат огради „против вандали“.

Изјава на еден воен злосторник

Бен Гвир и Смотрич важат за најрадикалните министри во владата на Нетанјаху (не дека другите се нешто многу поумеерни, види како размислува министерката за социјална еднаквост). Бен Гвир го знаеме како тормозеше луѓе од флотилата за Газа (овде), отвораше шампањ и носеше значка во облик на бесилка кога се воведе смртна казна за Палестинци (овде), повикуваше Евреи да го населат јужен Либан (овде)...

Топката која го уби фер-плејот

Новата генерација фудбалски топки, опремени со сензори и постојан пренос на податоци, го менува начинот на кој се гледа и се суди фудбалот. „Трионда“ не само што мери допир, брзина и траекторија, туку и го намалува просторот за човечка грешка - и интуиција. Ако не па, и играчите да ги опремиме со сензори за еден ден полесно да ги замениме со роботи.

Ние и Кина, милијарда идеи

Бидејќи одеднаш затребаа идеи (кои не требаа кога беше време за ветувања), еве ја приказната за Шенжен, кинески град со 11 милиони жители и 3 милиони автомобили во кој за 4 години успеале да го намалат загадувањето за 50%. Нема тука волшебни кули и други магли. Има желба, упорност, памет, посветеност и искористување на енергијата на приватните иницијативи. 

Цане Партибрејкерс: Јазик како сабја и мозок како стројница (митралез)

Дрчен, одважен и бескомпромисен, фронтменот на жестоко поштената рокенрол банда Партибрејкерси е баш онаков каков што е неговата најчеста поза на концерт: предизвикувачки затегнат, со една нога напред, во секој момент спремен за ферка. Така функционира и мозокот и јазикот на Зоран Костиќ Цане.    

Еден час стари божиќни реклами

Од 80-тите години, со послаба резолуција, но помалку напнати, некако почовечки....

Мајка ако не ти расипе, кој?

Девојчето сериозно пробува да испее една песна, проаѓа мајка ѝ, и сфаќа дека е греота песната да пројде без неа.

Најочекуваните филмови за 2018

За следната година само со Марвел херои нè чекаат 6 филмови, плус има роботи, има диносаоруси, Лара Крофт и уште една од новите приказни од Ѕвездени војни.

Најглупите изуми на Силициумската долина од 2017

2017 излезе дека е година во која Силициумската долина престана да измислува и почна да препакува веќе постоечки и употребливи работи, во скапи (и џиџани) производи кои никој не ги побара. На пример, чајник што прави чај, за 400 долари.

Во кадрово на Стрит фајтер

Никој не вика дека е лесно и дека е ефтино, ама од организација главно не им е јасно зошто мора да се трошат толку пари на летање со авиони од една арена до друга, наместо едноставно сите да се борат на едно место. И зошто бе на секоја трета борба да се крши по еден нов Мерцедес, наместо некоја половњача? И што е Кен поразличен од Рај?

Што може бескрајно да го подобри твојот бургер?

Само затоа што сме недоволно амбициозни во нашите намери за затнување на артериите, досегашните наши идеи беа: јајце или карамелизиран кромид или зелка од подварок или пржени везанки или сушен патлиџан или наместо регулар лепче да се ставан пржени лепчиња во јајца. Ама затоа има луѓе што размислуваат повеќедимензионално и вон сите рамки па доаѓаат до решенија за додатоци како - тегла топен кашкавал.

Приказната за еден олимписки медал

Германски кревач на тегови и ветува на својата сопруга дека ќе освои златен медал на Олимпијада. Сопругата загинува во сообраќајка една година пред Олимпијадата во Пекинг. За да го оствари ветувањето, во олимпиското финале тој треба да крене 10 килограми повеќе од сопствениот личен рекорд.

Кога ќе дознаеш кој ти е татко

Марк Хамил го раскажува моментот кога му била доверена големата тајна на Стар ворс за која дотогаш знаеле само Џорџ Лукас и режисерот.

10-те гифови што најмногу се вртеа во 2017

Бројките се од сервисот за гифови Гифи, и се однесуваат само на гифови што се хостирани кај нив. Методот за одредување на популарнсота е: колку пати се извртел еден гиф. Една работа што треба да ја знаете за гифовите: според Гифи, 300 милиони луѓе споделуваат 2 милијарди гифови секој ден.

Демократија, финален производ

Дури и ако во демократскиот процес вклучите вредности, концепти, идеи и сè друго благородно што може да ви текне околу водењето јавни работи и политики, тоа на крај завршува вака.

Главната слабост на камионите на Тесла: дал да носат батерии, дал да носат товар

Во неодамнешната промоција на првиот електричен камион, која Маск ја вети уште пред една година, беше испуштена клучната информација кога е во прашање кој било камион: колку товар ќе може да носи. Има зошто ова е крајно проблематично прашање за Тесла и општо за целиот проект.

Што е разлика меѓу часовник од 5.000 и од 85.000 долари?

Едниот е скап часовник, Омега спидмастер, другиот е нечовечки скап часовник, Патек Филип 5170П, и најголемиот дел од речиси 20 пати поголемата цена оди на она што воопшто не се ни гледа - механизмот на часовникот.

Исповед околу бракот

„Дури и да решам да се женам, знам дека ќе поминам барем два развода, за третиот пат да си кажам, мора да издржиш овојпат“, вели дечкото кој се ужаснува од помислата да биде со некого нон-стоп. Па сепак, ја остава можноста да се жени за едно 5 години. Кога ќе биде пола човек од она што е сега. Со исцедена душа.

Трагедијата на Џон Стујарт

Сè она што Џон Стујарт го исмеваше околу 24-часовните новински телевизии, денес важи за сатиричните / комични вести на неговите ученици и наследници. Критиката на Стујарт во тоа време е дека 24-часовните новински мрежи „создаваат драма и лажно чувство на алармантност“ за да го оправдаат своето постоење, и се крајно идеолошки насочени (нешто што во тоа време, најмногу се однесуваше на Фокс њуз).

Не си свесен колку добро топло чоколадо можеш да направиш

Не се вади на „нема каде да се купи“, се можеш да најдеш или во оригинал или со мала и неосетлива адаптација. И што е најважно не изгледа комплицирано, а може да ти излезе спектакл од топло чоколадо, да се гордееш сам со себе.

Како изгледа да си опседнат со биткоин

И вие и човеков се замарате со темава, и вие и човеков цело време следите вредност на валутата и читате статии, разликата меѓу вас и него е што он има купено биткоин, ти немаш.

Најголемата компанија во историјата на човештвото во споредба со денешните тешкаши

Се вика Дач Ист Индија компани, постои од 1602 до 1799 година, и во овој период комплетно го има променето текот на историјата, на нејзино барање се водат војни, се поробуваат и уништуваат цели народи, и целосно се црпат ресурсите на цели нации.

Зад заедничките селфија на Инстаграм

1000-те зборови што не ги кажува заедничкото селфи ги имаш во видеово на парот со длабоко разбирање и инсајдерски информации за тоа што значи да си во врска.

Нема пари за кои ова би било пуштено на телевизија во 2017

Пази, нема ни голотија, ни одвратности, ни ништо такво, има само зборење, очигледно во комично/сатирични цели, на крајно очигледно комично/сатирично шоу. Главниот лик во скечот го игра Џим Кери, и ако се подјебава со некој во видеото тоа се е исклучиво обвинувањата за неговото шоу дека е дискриминаторско, ама оди па објасни денес тоа.

Лекција по лоповлук

Поглавје: Возачи на виљушкари и зошто да не си играш со нив. Тие со црвената кола сакаат да украдат алат, тие со виљушкарите не им даваат.

Картологија, или махерство во мешање карти

Она што се Глобтротери со баскет, Реми Гајар со фудбал, Кен Блок со коли, тоа се дечкиве со шпил карти. И сакаат да знаете дека ништо од ова не е фејк (магнети, конци, компјутерски ефекти).

70 брзозборки на 70 јазици

Во отсуство на нашите („Шиме ѝ го шибна на Шана“, „Издездорансиралисе“, „Професорот вика, вика не се вика вика, туку вика се вика вели“) за убедливо најдобра ја прогласуваме брзозборката на Босанецот. Пазете само колку тешка конструкција нему му се падна!