Off Topic

Топката која го уби фер-плејот

Новата генерација фудбалски топки, опремени со сензори и постојан пренос на податоци, го менува начинот на кој се гледа и се суди фудбалот. „Трионда“ не само што мери допир, брзина и траекторија, туку и го намалува просторот за човечка грешка - и интуиција. Ако не па, и играчите да ги опремиме со сензори за еден ден полесно да ги замениме со роботи.

Црното море се омрси

Иако по претходните предупредувања за еколошка катастрофа во Црното море го обвинуваа дека ги плаши луѓето и дека ќе ја уништи туристичката сезона, неговите тврдења се чинат точни. Огромни дамки од нафта и мазут пливале по површината, најверојатно од протекувања откако Украинците удрија по руските рафинерии на нивниот дел од Црното Море. А дечкото вика, и неоправдано скапо било.  

Вашингтон не ја прекинува помошта за Израел туку ја крие

Трамп и Нетанјаху ја спукаа работата, односите меѓу Вашингтон и Тел Авив се на најниско ниво, но, дали се работи за вистински или за фингиран конфликт? За да се олабави од притисокот на јавноста (84% од Американците се за кратење на воената помош за Израел), дали длабоката држава решила да ги пикне односите со Израел под радарот на конгресниот мониторинг и да ги предаде во рацете на сивите зони на Пентагон?

Поразите не ги гледате на Инстаграм

Финалекција за сите оние кои се мамат и залажуваат по она што го гледаат на социјалните мрежи, верувајќи дека виделе формула чиј успех е неизбежен. Успехот не само што не е неизбежен туку е исклучок. A залажувањето не се случува само на мрежите. Многу луѓе мислат дека кафана кај нас не може да не успее, гледајќи како сите кафани наоколу се полни. Само што не ги гледаат оние стотици кои пропаднале. 

Музиката може да боли како камшик

Иранската пејачка Парасто Ахмади и осум членови на нејзиниот музички тим деновиве биле осудени на 74 удари со камшик затоа што настапила без хиџаб на концерт пренесуван на Јутјуб. Тоа било против јавната пристојност и објавување „вулгарна и неморална содржина“. Плус две години не можат да излезат од Иран ниту да настапуваат во земјата. Мала поддршка за Парасто и сите кои се гњавени од задрти луѓе од сите вери и невери. 

Тој мисли сите пијат нафта

9 март: „Сега сме целосно независни од Блискиот Исток. Не ни треба нивната нафта.“ 1 април: „Тоа навистина не нè засега. Имаме толку многу нафта. Имаме огромна нафта и гас, многу повеќе отколку што ни треба.“ 17 јуни: Ако не се согласев со Меморандумот за разбирање, „ќе ни снемаа резерви за околу 4 недели... навистина ќе ни снемаа, и ќе дојдеше време кога нема да можете да дојдеме до нафта.“

Инвестирај во Германија

Ако некогаш имало излишна кампања тогаш тоа веројатно е „Германија работи“,  совршено скоцкана кампања која како да има потреба те уверува дека Германија работи, функционира, истражува нови полиња, народот има долг животен век и што уште не. Генерално ти го кажува сето она што ти го мислиш за Германија.

Куче vs. Мачка

Најдобар начин за да ја видите разликата меѓу кучињата и мачките и да дознаете што тие чувствуваат за вас, е да им ги прочитате дневниците.
 

Вака изгледа едреник во 2018

Бродскиот превоз и понатаму останува најевтината форма на транспорт во светот, заради што на нејзе отпаѓа и најголемиот дел од транспортот на големи далечини. Она што изминативе деценија и кусур никако не останува евтино е горивото, што е и една од причините за неодоливоста на обновливата енергија (покрај тоа што за нејзе не мора да плаќаат).

Нема попоштена реклама од ова

Постојат модерни производи чиј историски багаж толку им тежи што на луѓе не може од глава да им излезе. Некои тоа го сфаќаат па решаваат да ги извадат работите на виделина. Генијално.

Животот како фудбалски пренос

Да се разбереме ова се само фино склопени извадоци од фудбалски натпревари, ни фудбал, ни живот не е вака интересен цело време.

Дали е хлороформ за верување?

Од сите работи за кои не и верувате на науката можете да почнете да го тестирате „митот“ дека хлороформ може да те онесвести. Дечково го има целото упатство, брзо е, кратко и јасно.

Живот во една соба на 100 начини

Никој не избира од мерак да живее во стан од 20 квадрати, ама луѓево тврдат дека можат целото искуство да го претворат во мерак, колку-толку.

Кога нема кој да каже „Царот е гол“

Џастин Вилман во серијалот “Magic For Humans“ (го имате на Нетфликс), демонстрира една техника која одамна е позната од детските сказни а во ново време постојано се вежба преку партиски собири. Наравоучение: кога во публика се твои луѓе, секого можеш да убедиш дека си најјак.

Војко В а не Кање В

Вуду Попај на времето знаеше да освежи со некоја неочекувана рима и стиховен пресврт потег ама Војко В. е 5 пути од тоа. Војко побарал 150 грама мортадела, тетката исекла ама испаднало 160, го прашала дали може, а Војко ѝ рекол: НЕ МОЖЕ! Од Рејџ до сега немаме слушнато така јасен отпор на системот. Струшки вечери на поезијата, се разбираме ли за следната година?  

Норвешкиот автопат од 40 милијарди евра

Автопатот не е позлатен ама е долг 1.000 километри, и не сите илјада се по земја, некои се на 300 метри под вода, други се столбови сред норвешко море, трети се на мост што плута, а ги има и низ планини. Целта е сегашните 21 час потребни да се стигне од еден до друг крај на Е39 автопатот, да се намалат на половина.

Еврибади денс нау

Многу скоро, ништо што ќе погледнеме на видео нема да биде реално. Едвај чекаме да видиме како ќе изгледаат видеата на Мелита. 

Битката Кока-кола вс. Пепси низ децении реклами

Ако некогаш си се сомневал во моќта на рекламата, само следи како џингл на Кока-кола успева да му го привлече вниманието на 5-годишно дете стандардно незаинтересирано за што било околу себе. Не дека Пепси е нешто послаб.

Што знае Ганди што е јога

Човекот кој е скоро па заштитен знак на јогата, оди на час во едно од овие „јога-студија“ кои се заштитен знак на речиси сè пак што е неподносливо околу јогата.

Како се стига до огласи „евтино Пинарело, малку возено“

Ако е ефтино и е Пинарело (Бјанки, Сервело, Ес-воркс... што и да е), тогаш или некој лаже или некој краде. Никако не е дека сте имале среќа и сте нашле некој/а што го купил/а и не се разбира што има .

Пратеници, фатете се за факинг работа!

Јасна и јебитачна порака од Австралијанците до нивните политички претставници во парламентот. Појасно од ова, здравје.

Остави Кинез да изрезили цела фотографска фела (и да и симне цена)

Истото што го прават со секоја можна индустрија, кинескиов фотограф им го прави на сите свои колеги низ светот. Сите оние моќни ефекти пред кои сме беспомошни како публика, овој пат добиени по принцип „направи сам“, без компјутерски магии и илајдници долари вредни роботски раце.

Инфлацијата во Венецуела низ купови пари

Конкретен производ и потребното купче пари за истиот да го набавиш во продавница во Венецуела. До крајот на годината се очекува дека инфлацијата во земјата ќе достигне 1 милион проценти, па од предострожност властите се одлучија наскоро да извадат нова валута на која ќе скратат 5 нули.

Престани да се трудиш околу себеподобрување

Повторувај:
- Животот никогаш не е океј.
- Никогаш не е комплетно океј.
- Понекогаш само е помалку „не океј“.

Честито, стана Данец. Ок, не баш, ама добар почеток.

Како времето ги брусеше Камењата

Фото-портрети на луѓето од Стоунси, бендот во кој денеска заедно имаат близу 300 години. Како се менуваа тие неповторливи ликови, од 1962 година до денес. Да не може човек да се реши кога била најружни.  

Се претера со уметноста

Следново се случува во Монтреал, овие се Ле Мутонс (mouton = овца) и се крајно упорни во тоа, и во која и да е пораката што ја имаат.

За вештачка интелигенција и безбедноста

Во говорот Џејмс Микенс објаснува: „Некои луѓе влегуваат во технолошката индустрија за да создаваат понови, повозбудливи видови технологија и тоа колку е можно побрзо. Мојот говор е против овие луѓе и ќе сруши некои важни професионални мостови, што најверојатно ќе ме натера да се приклучам на манастир или друга организација фокусирана на покајување.“

Маж мора да знае да ги бира своите битки

Искуството во проценување на ситуацијата се сведува на тоа да не се прецениш себе, ниту да го потцениш другиот, па макар тоа било и петел. Во спротивно имаш ова.

Решение за луѓе со претерано многу отворени табови

Прв чекор е да го признаеш проблемот сам пред себе дека џабе цело време отвараш табови кога и онака никогаш нема да ги прочиташ. Второ што треба да си свесен е дека никој нема да ти ги реши табовите што ти дремат отворени, ама затоа има кој да ти помогне да ги спастриш сите тие табови по проекти или папки (а да не биде дека ги викаш букмаркс).

Основи на справување со напаѓач вооружен со нож

Видеото доаѓа од кинеската полиција и не ни дава причина да се посомневаме дека ќе функционира во најголем дел од случаите на вооружен напад.