Нема ништо погрешно, ниту лошо, ниту пак е грев да поседуваш скап нож. Прво и пред се е далеку поквалитетно направен, поостар, подолго ја држи острицата, и некако прави да се чувствуваш поубаво.
Проблемот е што на пример јапонски нож од 1.200 долари кован од челик стар 400 години на врвот од планината Фуџи од 90-годишни монаси што последен пат прозбореле 1940-та кога им дошол на гости Акихито, ќе го пазиш повеќе сопствено првородено машко дете. И нема, многу нормално, да го ставаш да се пере во машина за садови, ниту пак ќе го ставаш во истата фиока со сите други кујнски тракатанци, или пак некогаш со него со мирна совест ќе исечеш нешто потврдо од путер.
Или како што ќе објасни дечково, Брајан Лагерсторм, со десет пати поскап нож не добиваш нож што е десет пати полесен за користење, поостар или подобар во сечење зеленчук.
Неговата препорака не е да се земе каква било тенекија што е тапа и не можеш да ја наостриш, туку да најдеш нож од бренд што е со средна вредност, што нема да го жалиш кога го користиш, што ќе те чини некоја занемарлива сума и ќе можеш душата да му ја вадиш. Посебно не се исплати инвестирање во скапи ребрести ножеви (оние за леб) затоа што секако не можеш да ги наостриш.
Нормално, кој нож и да го купиш треба многу многу да пазиш постојано да е остар, чисто заради твоја безбедност (и бројност на прсти).