„Презир“, „конкуренција“ и „вина“; „агресивен“ и „напорен“ - ова се зборови кои испитаниците ги поврзале со лидерски позиции. И покрај тоа што повеќето организации кукаат по луѓе со „лидерски способности“ (кај нас сите се со лидерски способности, нели, дури и државата ни е лидер во регионот), дури и многу кандидати велат дека се заинтересирани за водство - при анонимна анкета, луѓето сепак се воздржувале.
Без разлика дали е способен колега што ќе одбие можност да води тим за проект, или менаџер кој во тешка ситуација едноставно чека да поминат работите наместо да преземе чекори, луѓето бираат да не водат. При истражување со вклучени паметни луѓе, се дошло до заклучок дека ризиците што доаѓаат со водството, на паметните не им вредат. Ризикот по односите со колегите на пример, ги спречува затоа што не сакаат да си ги нарушат, некој да се почувствува повреден или да се растури пријателство. Кога ќе застанеш на водечка позиција, луѓето можат да ти свртат грб и да те озборуваат. Често ги спречува и ризикот по имиџ - не сакаат да изгледа дека се прават паметни, или да бидат агресивни. Не им се презема ни одговорност за пропаднати проекти и свесни се дека за било каква грешка на еден тим, вината ќе ја бараат во нив.
Сепак, некој мора и да води. Кај нас може не фалат „лидери“, ама за паметните - може и да се ублажат овие ризици. Менаџерите можат да пронајдат помалку ризични проекти, од типот на рутински со помалку видливост, или внатрешна иницијатива и понезначајни последици. Вработените со висок потенцијал се орхабруваат да ги испробаат нивните лидерски способности во побезбедна околина. Се пробуваат различни пристапи при водењето, за да се види на што најдобро реагираат луѓето, па се адаптира на тоа.
Иако бизнис-светот продолжува да ги цени лидерските способности - и наградите што доаѓаат со нив, вреди да се признае дека водството доаѓа со една ризична страна, но со вистинскиот пристап, организациите можат да ја менаџираат перцепцијата на ризикот, за да се промовира развојот и на организацијата и на луѓето во неа.