Не важно дали чини многу. Жените за шопинг ги напаѓаат без разлика дали се богати или сиромашни.
Талија Џејн во една статија за Њујорк Пост, откако објаснува дека директорот на нејзината фирма не ги плаќа вработените доволно да можат да си купат храна, пишува дека ѝ се закачиле за една маска за лице (од 6 долари) што си ја објавила на Инстаграм, со зборовите дека „се расфрла во спа-центар со модерна маска.” И коментира дека
Жените ги напаѓаат за шопинг, без разлика на нивните примања.
Ако ова се случува кога ќе раскажеш дека имаш маска за лице од 6 долари, тешко на таа жена што објавува нешто што повеќето луѓе не можат да си го дозволат. Меланија Трамп трпи онлајн силеџии многу подиректно и по „под појас” од нејзиниот сопруг што на политичка сцена растура што стигне како мало дете.
Ако сме фер, разбирливо е да се вознемириш кога некој може да си дозволи нешто скапо, а ти не можеш. Љубомората што некој има подобри финансиски можности не е ирационална во време кога разликите во богатство се огромни. Ама па, никаква логика нема лечењето на тие фрустрации секогаш да паѓа врз жените, а не и врз мажите.
Кога Хилари Клинтон ќе даде 600 долари за фризер, тогаш е нарцисоидна. А Доналд Трамп буквално може да си го обложи домот со злато, и пак да биде човек од народот. Мажите не се воздржуваат од фалење, на пример, со саати од 1000 евра, а кога жена ќе потроши иста сума на ташна, ја прават лом.
Луѓето во моментов се воодушевени што Елон Маск фрли кола од 200.000 долари во вселената. Во една негова изјава, вели дека тоа е „будалесто и забавно”, па Џенифер Рајт од Харперс Базар вели:
„…Кола од 200.000 долари. Во вселената. Простете ми дечки што ќе ме контактирате да ми кажете колку е тоа прејако и важно затоа што ви е интересно, ама за ова немаше никаква, суштинска причина, освен што Елон Маск сакаше да привлече внимание кон неговата компанија. И видете, тоа е негова кола и тој може што сака да прави со неа. Веројатно е интересно, ако сакаш да збунуваш вонземјани што ќе ја најдат. Но тоа што светот е фасциниран од ова е доказ дека, додека жените што и да купат не може да се во право, мажите на што и да потрошат пари, не можат да згрешат.”
Проблемот овде е што, кога мажите трошат пари, автоматски се претпоставува дека си ги заработиле со труд. Кога жените трошат пари, често се претпоставува дека парите им се од татковците или сопрузите. Жена што носи скапа облека, а притоа е мажена за успешен човек, често ја нарекуваат спонзоруша, без разлика дали има сопствен приход. Во меѓувреме, кога добро облечен маж стои до успешна жена…
Па, немаме термин за тоа.
Поточно, локално да. И тоа знаеме да го наречеме спонзорушА.
Женски род.
На истиот начин на кој што жените се натпреваруваа која ќе изеде помалку, а со тоа и која ќе биде послаба (тоа затоа што општеството им броеше залаци), додека на нормалното јадење се гледаше како претерување, сега треба да се натпреваруваме кој најмалку ќе потроши.
Се случува на блогови и онлајн дневници кога пишуваат за штедење (како тука, каде што авторката пишува дека шест месеци троши исклучиво на кирија и храна и ништо друго) да има поразителни и тажни сведоштва од типот дека им недостасуваат родителите што живеат далеку (затоа што не трошат пари да ги видат) или им недостасува да си купат цвеќе (затоа што тоа е дополнителен трошок). И пак, коментарите на ваквите објави сè уште се: „А телевизор и телефон имаш?” или „Еве и јас не трошам на никаков луксуз година дена, па ништо не ми е.”
Ваквите коментари покажуваат дека луѓето едноставно нема да запрат додека жените не облечат вреќа за компири и не почнат да одбиваат секакви удобности, а ќе се задоволат со неколку капки дожд колку да измијат коса. И пак ќе се најде некој што ќе искоментира дека и таа вреќа за компири е премногу декадентна. Плус, нема никаква издржана, паметна и прогресивна идеја зад тоа. Напротив, старомодно е. Доаѓа од истото место каде што женското задоволство е секогаш нешто забрането, без разлика дали се работи за секс, храна или убави предмети.
А не е себично да сакаш задоволство. Животот е претежок за сите, и богати и сиромашни и машки и женски и луѓето заслужуваат да си купат убави работи затоа што баш тие работи ги прават среќни. Не е важно дали се цвеќиња, авионска карта или слика од милон долари - ако можеш да си го дозволиш и ти носи радост - нема потреба да ти биде срам.