Зошто Перл Дејвис ја викаат „Женскиот Ендру Тејт“?

Па, на пример, мисли дека разводот треба да се забрани.

Самата помисла некој да те спореди со Ендру Тејт треба да те згади, ама Перл Дејвис нема никаков проблем со тоа - таа е горда анти-феминистичка инфлуенсерка и веќе миленичка на крајните десничари поради ставовите на теми како развод и правото на глас на жените.

И бидејќи интернетот е полн со проблематични ликови, има 1,55 милиони следачи на Јутјуб и скоро 220.000 на Твитер.

Родена е во предградие на Чикаго, има 9 браќа и сестри, а сега живее во Лондон. Себеси се нарекува „најбелата девојка на светот“ и комплимент ѝ е кога ја споредуваат со Ендру Тејт. За медиумска кариера се инспирирала од (познатите десничари) Бен Шапиро и Томас Сауел. Меѓу темите што ги покрива е како да станеш по „оженлива“ и смета дека општеството и природата се понаклонети кон жените отколку кон мажите. Популарност доби откако (проверено, нели) зборуваше за нејзините ултра-конзервативни ставови. Но, најмногу внимание доби периодот кога го апсеа Тејт - ѝ беше гостин пред да го уапсат, а за него вели дека, иако „не е фан на сѐ што кажал“, сепак има добра порака и е феноменален за младите мажи.

Меѓу најконтроверзните коментари беше дека жените не заслужуваат да бидат со успешни мажи ако се гојазни. Има кажано и дека жената е виновна ако мажот изневерува.

„Многу од вас се никакви жени,“ рече во едно видео лани, што сега е отстрането од ТикТок. „Не готвите за сопрузите, ги омаловажувате, им додевате, не ги третирате како мажи. Немате секс со нив и кога ќе отидат да бараат нешто надвор од врската затоа што сепак не сакаат да се разведат, пак нив ги обвинувате, без да признаете дека и вие имате удел во тоа.“

Уште една проблематична изјава е дека кога немажената жена ќе забремени, 99,9999 посто е самата виновна.

Плус, жените биле посреќни кога имале семејство, отколку кога бркале кариери. Уште еден бисер е дека „разводот треба да е нелегален“, што стручно ќе го објасни со „ако сакаш да си одиш, не треба ни да влегуваш во брак“, затоа што нели, сите влегуваат во брак со намера да си одат.

Тврди дека не мрази жени, туку е на машката страна затоа што за мажи не се наоѓало емпатија на интернет.

„Мажите се дискриминирани од општеството, правниот систем и феминистите општо,“ изјави за Инсајдер. „Жените што ме следат, ме следат затоа што и тие го гледаат поголемиот проблем, а мажите гледаат затоа што конечно има медиумски формат кој се бори за нив.“

Kако би реагирала таа женска публика ако утре некој им прати допис дека им се поништува правото на глас, плус не смеат да се разведат од насилен сопруг, тоа уште не знаеме. Може Ендру Тејт и Перл Дејвис имаат објаснување.

6 јули 2023 - 16:08