Жените подобро спијат со кучиња, отколку со луѓе

Да. Кутрето што го бркате да спие на тепих или (пу, пу!) надвор од спална всушност треба да спие до вас, ако сакате подобар сон.

Истражување изведено на колеџот Канисиус во Бафало, Њујорк, вели дека жените подобро спијат кога спијат со куче, отколку со член од нивниот вид. Дури и подобро отколку со мачка, извинете мачкари.

Го води професорката Кристи Л. Хофман, самопрогласена кучкарка (што значи мачкари, можете на раат да се буните дека е пристрасна). Испитани биле 962 жени низ САД, а од нив 55% пријавиле дека креветот го делат со барем едно куче, а 31% со барем една мачка. Од сите овие жени, 57 проценти истовремено спиеле и со партнерот.

Испитаничките пополниле прашалник за квалитетот на нивниот сон и колку безбедно се чувствувале поради присуството на миленикот. Тие со партнери добиле прашање и како другиот влијае на нивниот сон и чувството на сигурност навечер.

По анализа на податоците, Хофман и нејзиниот тим откриваат дека луѓето и мачките еднакво прекинувале сон кај жените, додека кучињата имале помала тенденција да ги будат.

Хофман вели дека причината може да е затоа што сопствениците на кучиња имаат подобри навики за спиење и построга дневна рутина од луѓето што немаат кучиња: главно - жените со кучиња си легнуваат и стануваат порано од жените со мачки.

„Тие што имаат кучиња мораат да се адаптираат на кучињата и нивните потреби за шетање наутро и ова помага да се држат до релативно строга рутина за будење,” вели таа. „А и кучињата главно спијат кога спијат и газдите, за разлика од мачките.”

Плус, како што вели Хофман, кучињата како партнери за спиење повеќе се адаптираат на распоредот на газдата отколку кога партнерот за спиење е уште еден човек. Исто така, нудат посилно чувство на сигурност - кучето ќе стане и ќе предупреди ако има натрапник или друг тип на итен случај. Мачката потешко ќе се нафати на вакви работи.”

Инаку, ако ве интересира зошто истражувањето се фокусира само на жени - веќе постои претходно истражување што покажува дека сите луѓе подобро спијат со кучиња. Хофман овој пат решила да прашува жени затоа што жените статистички полошо спијат од мажи.

А има и логистичка причина: иако истражувањето било отворено за сите, се пријавиле помалку мажи отколку жени, веројатно затоа што биле зафатени со влошување на квалитетниот сон на нивните партнерки.

27 август 2019 - 00:00