
Во ново истражување објавено во научното списание Journal of Research in Personality се анализирале 451 брачен пар од Холандија, кои во просек биле во брак речиси три децении. Целта била да се открие дали луѓето што остануваат заедно долго навистина си личат по карактер, како што често се претпоставува.
Секој учесник пополнил детален прашалник за себе, но и за карактерот на партнерот. Истражувачите споредувале шест особини: морални вредности, емотивност, соработливост, совесност, социјална самодоверба и љубопитност.
Резултатите покажале дека долгогодишните партнери не се толку слични колку што би се очекувало. Во повеќето категории (емотивност, организираност, дружељубивост и начинот на кој соработуваат со другите) речиси и да немало значајна поврзаност. Со други зборови, едниот може да биде импулсивен, а другиот смирен; едниот да обожава друштво, а другиот да претпочита тивки вечери дома. Тоа само по себе не кажува многу за квалитетот на врската, но, постоеле две особини во кои сопружниците навистина си личеле.
Првата се моралните вредности - чувството за чесност, искреност, правичност и начинот на кој ги доживуваат исправното и погрешното. Втората е љубопитноста, односно желбата да се учи, да се откриваат нови работи и да се остане отворен кон светот.
Токму овие две заеднички точки, според авторите на студијата, можеби имаат многу поголема улога во долгорочната стабилност на една врска отколку тоа дали партнерите имаат ист темперамент или исти навики.
Интересно е и тоа што повеќето парови биле убедени дека се послични отколку што навистина се. Особено кога станувало збор за вредностите, верувале дека размислуваат речиси идентично, иако резултатите покажале дека разликите сепак постојат, што и не е така чудно, затоа што навиките лесно се забележуваат, но вредностите не се гледаат во секојдневните рутини. Се откриваат низ одлуките што ги носиме, начинот на кој се однесуваме кон другите и реакциите во ситуации што не се случуваат секој ден.
Без разлика што е многу вложено во истражувањето - не дозволува генерализација, затоа што во студијата учествувале само хетеросексуални брачни парови од Холандија, а претходни истражувања во други земји, меѓу кои и Кина, покажале поинакви резултати. Тоа укажува дека културата и општествениот контекст веројатно имаат своја улога во тоа како се градат и одржуваат долгорочните врски.
Сепак, пораката е прилично едноставна. За успешна врска не е неопходно да бидете „двајца луѓе - една душа“ и други изрази што звучат романтично, ниту да ги сакате истите работи, да имате идентичен темперамент или секогаш да се согласувате околу ситниците. Многу поважно изгледа е да делите сличен систем на вредности и да не ја изгубите љубопитноста кон светот, но и еден кон друг.