Г-не Ален, дали навистина верувате дека среќата во животот е невозможна?
Тоа си е моја перспектива и отсекогаш било мој поглед на животот. Гледам многу мрачно, многу песимистички на тоа. Отсекогаш така, уште од кога бев мал; не се влошило со годините, или нешто такво. Баш мислам дека е мрачно, болно, кошмарно, безначајно искуство и дека можеш да бидеш среќен само ако се лажеш и мамиш себеси.

Мислам дека може да се каже дека повеќето луѓе не би се согласиле.
Ама јас не сум ни првиот што го кажал ова, ни најпаметниот. Го кажал Ниче, го кажал Фројд, Јуџин О’Нил. Човек мора да си создаде илузии за да живее. Ако го загледаш животот искрено и јасно, станува неподнослив затоа што е прилично мрачен концепт, мора да признаете.
Тешко ми е да замислам дека Вуди Ален има толку тежок живот...
Имав многу среќа и си го претворив талентот во многу продуктивен живот за себе, но за ништо друго не ме бива. Не ме бива за снаоѓање во животот, дури и за наједноставните работи. Работи што се играчка за некои луѓе, мене ми се траума.

Може да ми дадете пример?
Да се чекирам на аеродром или во хотел, да се справам со односите со други луѓе, да прошетам, да сменам нешто во продавница... Работам на истата „Олимпија“ машина за чукање од 16-годишна возраст – и сè уште изгледа како нова. Сите мои филмови се напишани на таа машина, но до неодамна не можев ни лентата за боја да ја сменам сам. Понекогаш канев и луѓе на вечера, само за да ми ја сменат лентата. Тоа е трагедија.
Не верувате во добрите работи во животот?
Животот е полн со моменти што се добри – да добиеш на лото, да видиш убава жена, одлична вечера – но секако е трагичен. Тоа ти е една многу пријатна оаза. На пример филм како The Seventh Seal на Бергман. Тоа е филм за голема трагедија, но има еден момент каде што седи со децата, пие млеко и јаде диви јагоди. Но кога тој чудесен момент ќе помине, се враќаш назад на тоа што е постоењето навистина.

Дали сте еднакво песимистичен за љубовта?
Многу повеќе зависиме од среќа отколку што мислиме. Луѓето велат дека ако сакаш да имаш добра врска, мораш да работиш на неа. Но никогаш не важело тоа за нешто што стварно ти е супер, на пример едрење или гледање фудбал. Никогаш нема да кажеш: Мораш да работиш на тоа. Едноставно ти е супер. Не можеш да работиш на врската; не можеш да ја контролираш. Мора да имаш среќа и да патуваш низ животот. Ако немаш среќа, тогаш мора да бидеш спремен за една доза на страдање. Затоа повеќето врски се многу тешки и имаат одреден степен на болка. Луѓето се заедно од инерција, немаат енергија. Затоа што им е страв од осаменост, или затоа што имаат деца.
Може ли човек да сака две жени во исто време?
Повеќе од две (се смее). Мислам дека да. Затоа романтиката е многу тешка и болна, многу комплицирана работа. Можеш да бидеш со сопругата, да си среќно женет, и потоа да запознаеш друга жена - и ја сакаш. Но и жена ти ја сакаш. Ама и другава. И таа може да запознае некого, па го сака и него и тебе. Па ти запознаваш уште некој и сега сте тројца. Зошто само еден човек?

Работите можат да се закомплицираат ако човек Ве послуша...
Важно е да се контролираш, затоа што животот се комплицира ако не се контролираш, но импулсот е многу често присутен. Некои велат дека општеството мора да биде поотворено. Ни тоа не функционира. Мислам дека секако се губи. Ако ја бркаш другата жена, губиш затоа што не е добро за твојата врска или брак. Ако бракот ти е отворен, па смееш, ни тоа не е добро. Нема начин, сепак, да се биде среќен, освен ако немаш многу среќа.
Дали некогаш плачете?
Постојано плачам во кино. Тоа е веројатно единственото место каде што воопшто плачам, затоа што имам проблем со плачењето. Во „Хана и нејзините сестри“ имаше една сцена каде што требаше да плачам и пробав секако, но беше невозможно. Ми дуваа во очи и не можев да заплачам, но во кино плачам. Како магија е. На крајот на Bicycle Thieves или City Lights. Само таму – никогаш во театар и речиси никогаш во животот.
Порано ве имаше во речиси секој Ваш филм, но во последно време Ве гледаме се помалку и помалку. Зошто?
Затоа што нема добра улога. Со години ја играв главната машка улога и после некое време не можев затоа што остарев. Ич не ми е забавно да не бидам тој што на крај ќе заврши со девојката. Можете да замислите колку е фрустрирачки кога работам со Скарлет Јохансон или Наоми Вотс, и други ги добиваат, а јас сум режисер. Јас сум тој стариот што режира. Не ми се допаѓа тоа. Сакам да бидам тој што седи со нив во ресторан, ги гледа во очи и ги лаже. И ако не можам да го правам тоа, не ми е многу забавно да играм во филмови.

Што ќе кажете за стареењето?
Многу е глупо. Нема никаква предност. Не се опаметуваш, не стануваш помудар, не стануваш помек, попријатен, ништо добро не се случува. Грбот те боли повеќе, имаш проблеми со стомакот, видот не ти е веќе добар, ти треба апаратче за слушање. Лоша работа е тоа стареењето и не ви го препорачувам. Нема никаков романтичен квалитет.
Ќе престанете ли некогаш да правите филмови?
Јас едноставно уживам да работам. Каква друга амбиција да развијам? Како уметник, секогаш се стремиш кон крајното достигнување, но никогаш не ти е достигнато. Го снимаш филмот, а резултатот секогаш може да биде подобар. Пробуваш пак, и пак не успеваш. На некој начин, уживам во тоа. Никогаш не ти се губи целта од пред очи. Јас не работам за да заработувам пари, или да кршам бокс-офис рекорди. Јас само пробувам ствари. Што ќе се случеше ако постигнев совршенство во еден момент? Што ќе правев потоа?