Втората сезона на „И едноставно така...“ ќе била поинаква

Некои се прашуваат и како воопшто се одлучија на втора сезона со оглед на измешаните накај негативни критики, но факт е дека ќе ја има. И има една добредојдена промена.

Ја најавија како мини-серија, но сепак доаѓа втора сезона - и според Сарита Чаудури, која ја глумеше Сима во серијата, втората ќе биде „многу поинаква од првата“. Како што кажува, новите епизоди ќе бидат посмешни, што е сериозно ветување, со оглед на тмурноста на тие што ги видовме до сега. Веројатно се свестија дека „Сексот и градот“ сепак служеше за разонода, плус, во недостаток на Мистер Биг, сега го најавија - Ејдан.  Од таму и се раѓаат претпоставките дека заплетот на втората сезона ќе се врти околу него и за разлика од првата кога најави „дека може ќе го има“, па фановите се разочараа, овој пат има фотографии од снимањето каде што се заедно со Сара Џесика Паркер.

„Не можам ништо да кажам, освен дека е супер да се биде повторно во негово друштво,“ вели таа, „и што имаме приказна што е среќна, забавна и позната, а сепак нова затоа што се поминати 10, 15 години.“

Не се знае дали пак ќе го видиме Дејвид Ајгенберг (Стив) со оглед на тоа што Миранда отиде по девојка ѝ во Калифорнија. И за жал, уште ќе нè дават со Че:

„Една од највозбудливите работи за втора сезона ми е Че,“ кажа креаторот Мајкл Патрик Кинг. „Сакам да ја прикажам димензијата на Че што луѓето не ја видоа, од која и да е причина, бидејќи беа заслепени од страв. Сакам да покажам повеќе Че, наместо помалку. Онака, сериозно.“

Мајко.

Може и нема да гледаме.

Ако гледате, веројатно може да се очекува прва епизода летово.

20 април 2023 - 00:00