Вселенско матично

Затоа што, ако воопшто има други живи суштества во вселената, најважно е да знаат дека баш вие сте во брак.

Една јапонска компанија на паровите им нуди нов начин да покажат дека љубовта е вечна: со лансирање свадбени плочки со нивните имиња во вселената. Како да не беше доволно милионска индустријата за свадби и како да не беше доволно врвна умешноста на нејзините работници да ги убедат младоженците дека баш тие салфетки им се потребни или ќе биде смак света.

Според весникот Јомиури Шимбун, стартапот работи со Кибо, јапонскиот модул во меѓународната вселенска станица, од која и ќе ги џиткаат брачните плочки, инаку со димензии 16 на 8 милиметри.

Вашата љубов ќе процвета откако овие плочки ќе се стават на минијатурни коцкасти сателити, кои можат да носат неколку стотици плочки, па така вашите имиња ќе ги дружат и еден куп други имиња на заулавени парови како вас. И така заедно, ќе бидат ослободени во орбитата и ќе се придружат на десетици илјадници сателити, објекти направени од човечка рака и вселенско ѓубре кое веќе орбитира околу земјата.

Астронаути ќе ви ги сликаат плочките и ќе ви пратат слики.

Објаснувањето за постоењето на сето ова го дава Тошихиро Камеда, претседателот на компанијата:

„Се надевам дека паровите ќе мислат на вселената и ќе се заветат на бескрајна љубов.”

Тоа и не е некое објаснување, ама ќе заклучиме дека сакал да каже нешто од типот дека љубовта ќе им биде бескрајна како вселената.

Првото лансирање ќе биде во 2019-та. Ако сте готови со китенки и покани, пријавете се. Ќе чини 30,000 јапонски јени (270 долари), и да се надеваме дека наместо да ви ги дадат тие пари, на некои од гостите нема да им текне дека е тоа супер поклон за свадба.

27 јули 2018 - 13:36