Вреди ли да пиеме колаген?

Постојат безброј креми, пилули и други производи што постојано се измислуваат и се рекламираат - меѓу нив, суплементите со колаген се особено популарни бидејќи наводно ја подобруваат кожата, косата и ноктите. И во денешно време изгледа како колаген да има кај и да се свртиш.

Колагенот, за потсетување, е протеин кој го имаме во најголемо изобилство во нашите тела и го има во сврзните ткива, во кожата и ‘рскавиците. Главна компонента е во кожата, коските, тетивите и мускулите и помага ткивото да биде посилно и поспособно да издржи истегнување. Колаген создаваме природно со комбинирање и процесирање на амино-киселини од храна богата со протеини како грав, јајца и млечни производи. Го има и во црвено месо, пилешко и риба.

Со годините создаваме се помалку колаген. И не се само годините, колагенот ни се скратува со недоволно физичка активност, недоволно спиење, од цигари, од претерување со алкохол, или преголема изложеност на сонце. Недостатокот води до болки во зглобовите, ослабнати мускули и збрчкана и сува кожа.

Колаген-суплементи, познати и како анти-ејџинг креми или апчиња треба да ја подобрат и да ја омекнат кожата. Се пие и за артритис. Самите суплементи содржат и амино-киселини, пептиди и додатни хранливи состојки како витамин Ц и биотин.

Сепак, постои дебата во науката дали реално се ефикасни. Постојат истражувања дека се подобрува квалитетот на кожата и подвижноста на зглобовите, но не сите форми на суплементација со колаген се еднакво ефикасни. На пример, дури и дерматолозите ги доведуваат во прашање серумите и кремите „богати со колаген“ бидејќи колагенот го нема на површината на кожата туку подлабоко. Оралните суплементи се смета дека поефикасно се апсорбираат во телото, но доказите сепак „се мешани“, како што предупредуваат експертите. Знае да биде и скапо да се набави во козметика или апче - но барем постојат поевтини начини да се внесе - со храна богата со протеини - риба, јајца, соја и мешунки.

Студиите покажуваат дека е безбедно да се внесе меѓу 2,5 и 15 грама хидролизиран колаген, но важно е да се разговара со лекар пред да се додадат во дневната рутина.

24 март 2023 - 00:00