Во Лондон се отвора „Музеј на вагината”

Прво си викаш „Но, зошто?”, па после читаш што е приказната зад сето тоа и ти станува во ред.

Ама, замислете кај нас да се отвори ваков музеј. Еве, не мора во Скопје, во Виница на пример, и онака слабо им одат туристи. Која Мека ќе стане тоа за феминистички аџилак, и што fluent in vagina ќе станат локалците!

Шала на страна, излегува дека музејов е фина работа. Посветен ќе биде на вагини, вулви и гинеколошка анатомија, и во моментов е во фаза на собирање средства за отворање. Им требаат 300.000 фунти за да ги покријат трошоците за отворањето.

Намерата е да се дестигматизира вагината и сè што оди со неа. Според кампањата, има истражувања кои откриваат дека дури 65 проценти од девојките на возраст од 16-25 години „велат дека имаат проблем да зборуваат со доктор за нивното гинеколошко здравје.”

Музејот ќе истакне и прашања околу менталното здравје и кризата на „боди имиџ”, со оглед на тоа што бројот на процедури за лабиопластика е пораснат за 500% (!) меѓу 2002-ра и 2012-та, а покрај тоа ќе се бави и со проблемите околу согласноста и ЛГБТИ заедницата.

Парите што ги собираат се за кирија, персонал, изложби и надворешни соработки. Откако ќе се отвори, влезот ќе биде слободен, затоа што основачите веруваат дека пристапот до знаење за нашите тела треба да биде отворен за сите, без разлика на финансиската ситуација.

„Врвен приоритет ни е да се бориме со табуата околу нашите тела и да обезбедиме простор каде што ќе можеме отворено и искрено да разговараме,” вели основачката и директорка, Флоренс Шехтер.

„Музеите се како чувари на историјата на општеството и на јавноста и даваат пристап до таа историја,” додава. „Кураторите често ја пикаат историјата за вагини и вулви по фиоки бидејќи важат за премногу контроверзни или тешки за дискусија.”

Од музејот се надеваат и дека кога ќе ги скршат табуата за разговори за вагинално здравје, повеќе жени ќе се охрабрат да одат на скрининг на матка и други потребни прегледи.

Нас не мора да ни отвараат музеј за да се потсетиме дека треба да се оди на гинеколог барем еднаш годишно, нели?

29 март 2019 - 01:21