Вештачката интелигенција брзо генерира идеи, но соработката со луѓе носи поголема креативност

Зголемената продуктивност е една од главните причини за брзото прифаќање на генеративната вештачка интелигенција - може за неколку секунди да сумира долги текстови, да состави електронски пораки и да предложи десетици идеи. Но како влијае врз активности што се суштински човечки, како соработката и креативноста?

Група когнитивни научници што проучуваат креативност неодамна спровеле експеримент за да утврдат дали соработката со вештачка интелигенција дава пооригинални резултати од соработка меѓу луѓе.

Креативноста често се поврзува со таканареченото „дивергентно размислување“, односно способноста да се пронајдат повеќе различни решенија за ист проблем. Еден од начините за негово мерење е задачата за алтернативни употреби, во која учесниците треба да предложат што повеќе начини на кои може да се искористи обичен предмет, како книга или цигла, па истражувачите потоа ги оценуваат бројот и оригиналноста на идеите. Големите јазични модели биле особено успешни во генерирањето голем број предлози, но количеството не гарантирало оригиналност. Истражување на 12 ВИ-четботови покажало дека нивните одговори често биле значително подолги од човечките, при што суштинскиот одговор сочинувал само околу 42 проценти од текстот. Остатокот содржел повторувања, непотребни објаснувања и дополнителни информации.

Во новиот експеримент, 208 учесници биле распределени по случаен избор да ја извршуваат задачата за алтернативни употреби во соработка со друг човек или со ЧетГПТ. Резултатите покажале дека учесниците што користеле ЧетГПТ давале подолги одговори, додека човечките парови создавале покреативни и поразновидни идеи. Поединечните предлози на ЧетГПТ понекогаш биле мошне оригинални, како користење книга за пригушување звук. Меѓутоа, истата идеја се појавувала во повеќе одделни сесии, што значи дека немало којзнае каква варијација во предлозите.

Слични резултати покажуваат и други истражувања - иако ВИ може да помогне да напишеш покреативна приказна, текстовите создадени со таквата помош, разгледани како целина имаат тенденција да заличуваат еден на друг. Истражувачите забележале сличен ефект и кај генерираните слики, кои со постојана употреба на ВИ можат да добијат генерички изглед, но тоа веќе и го сведочиме со флаери од ЧетГПТ на социјални мрежи.

Истражувањето открило уште нешто: предноста на човечката соработка се зголемувала со текот на времето. Идеите што ги развивале човечките парови станувале сè поразлични, додека при соработка со четбот се забележувала тенденција кон нивно приближување. Ова е особено важно за долгорочни креативни проекти, во кои разновидноста на идеи може да биде пресудна. Едно од предложените решенија е таканареченото „задавање персона“, односно давање инструкции четботот да одговара од перспектива на личност со конкретна професија, возраст или животно искуство. Ова ја зголемувало разновидноста на предлозите, но нивниот вкупен опсег и понатаму заостанува зад оној на човечките автори.

Затоа основниот совет е кога ни е потребна креативна помош, прво да разговараме со друг човек. Личните искуства, различните перспективи и непредвидливите асоцијации можат да отворат можности што јазичните модели потешко ги достигнуваат.

Како што вештачката интелигенција станува дел од секојдневната работа, човечката соработка останува важен извор на оригиналност и чувство на смисла. Луѓето можеби нема да одговорат толку брзо или опширно како четботовите, но голема е веројатноста дека ќе имаат нешто поинтересно да кажат.

30 октомври 2026 - 15:37