Нов ден, нов приватен авион изнајмен од славна личност што не престанува да нè потсетува дека планетата до Нова година ќе изгори до темел ако не одиме секаде со точак.
Овој пат, тоа се Хари и Меган кои три години по „абдицирањето“, а година дена од почетокот на нивната „тура за приватност“ најдоа момент да се повлечат малку на Карибите со приватен авион, откако беа на конференција во Њујорк фокусирана на начинот на кој климатските промени го оштетуваат менталното здравје на младите.
Патем студија на Гринпис открива дека приватните авиони испуштиле 5,3 милиони тони јаглерод диоксид во последниве три години - повеќе од една цела Уганда годишно, со популација од 46 милиони луѓе.
И голем дел од тоа е сигурно од војводата и војвотката од Сасекс. Форбс пред две години имаше статија со наслов „Многу јавната историја на Хари и Меган со приватни авиони“. Дури и тие што се сметаат за сосема свесни за лицемерието на овој пар, може да се шокираат од степенот на нивните приватни патувања - во 2019 во 11 дена имаа сменето дури четири приватни авиони. Но, дури и оваа екскурзија личи на возење со такси во споредба со последната авантура.
Свесни ли се како изгледа тоа? Нè тролаат ли? Најверојатно Маркл - а по асоцијација и нејзиниот сопруг - страда од состојба на заблуда предизвикана од редовно и пролонгирано парадирање доблести - верувајќи дека зборовите значат повеќе од делата. Нема сомнеж дека Маркл искрено верува дека масивните количини емисии на јаглерод што ги предизвикува нејзиниот приватен авион ќе се поништат со неколку доблесни зборови за климатските промени, исто како што некои еднакво глупи, но подарежливи богаташи веруваат дека неколку засадени дрва ќе надоместат за целиот јаглерод исплукан во небото од нивните авиони.
За чудо, дискусиите за златното време на патувањето на 20-от век се честа тема на социјалните мрежи. Луѓето често твитаат фотографии од деновите пред да постојат евтини летови - Ера на елеганција го викаат- и мистиката на тоа време е толку силна што дури и тие што не можеле ни да припарат до воздушен сообраќај во тоа време ги фаќа носталгија за самиот елитизам.
Искрените еколози многу грубо ќе се разбудат кога ќе сфатат дека нивното верување во заштитата на Мајката Земја се користи за зелено перење на закрепостувањето на масите. Меѓународни патувања и ловење сонце за богатите, осуденост на ладни зими за сиромашните. „Богатиот во замокот, сиромашниот пред порта“ ќе стане „Богатиот во приватен авион, сиромашниот на точак“.
Затоа што патот до феудализмот е поплочен со зелени намери.