Учиме брак од Аманда Палмер и Нил Гејман

Аманда Палмер е пејачка и текстописец, правецот и е панк-кабаре (колку би било интересно тоа да се види!), а Нил Гејман е авторот на Сендмен, Коралајн и сè друго што ни се свиѓа.

Палмер ја имавме пред некое време, на тема „Уметноста на прашувањето” каде што ја објаснуваше својата филозофија за комуникација со луѓе и фанови. Од Салон се интересираат како една феминистка балансира емотивен труд дома со сопругот кој е еднакво ѕвезда како нејзе, како се грижат за нивниот син Аш и како се поддржуваат меѓусебно во нивните врвни кариери.

Прашањето што им се поставува е како успеваат да ги усогласат нивните силни карактери во рамки на еден брак и во рамки на мало семејство. И дали имаат распоред кој смее да биде дива во моментот?

„Да!” одговара Палмер. „Надвор од дома, кога сум во неговиот свет, на пример, ако сум на настан каде што е тој главен, или потпишува книги - тоа е едно. А кога тој е во мојот свет, тогаш е друго. Кога го гледам на книжевен настан и е скроз недостапен, не ми се крши егото - навистина сфаќам. И обратно - ако дојде на мој настап и му речам ‘Излегувај од гардероба, бегај’, тој сфаќа.”

„Сега, како родители, мораме да се договараме кој ќе работи, а кој ќе биде дива. Кој е главниот родител во моментов? Како ќе ги поделиме обврските? Кој ќе одлучува? Кој ќе го има последниот збор? Постојано жонглирање е со обиди да се направи како што треба и капацитет за простување кога ќе завршиме со фаќање за врат.”

Како двајца родители и двајца феминисти, како ги делат обврските по дома?

„Кога прв пат се споивме со Нил, се шетав со другарка ми Кејси Лонг во Бостон и таа беше превозбудена дека се гледам со Нил Гејман - ми рече, ‘Ти си кралицата на чувствата, а тој е кралот на соништата!’ Но сепак, беше тешко. Секогаш мораш да ги сретнеш луѓето на половина пат. Јас го извлеков Нил од неговиот свет на соништата многу повеќе отколку што тој очекуваше. Но мислам и дека потсвесно, тој не ме избра случајно. Не е дека сум му покажала дел од карактерот што светот не го гледа за да го намамам во мојата мрежа од емоции. Кога одлучивме да бидеме партнери, знаевме што ќе добиеме. Јас знаев дека ќе добијам човек што нема по цел ден да седи и да зборува за чувства. А тој знаеше дека ќе се соблекувам на сцена и ќе зборувам за мојот абортус. Такви бевме пред десет години и се обидуваме да ги почитуваме и талентите и недостатоците што и двајцата ги имаме.

Нил знае да се справи со некои аспекти на бивањето возрасен, во кои јас сум за никаде. И навистина го бива за одредени ствари по дома. Но, јас сум таа што ќе му прати порака ‘Икс емотивно му се случи на Ипсилон, ќе мораш да Зед’. И тогаш тој на британски акцент ќе рече ‘Ќе си ја послушам жена ми. Каква мудра идеја. Ќе пратам цвеќе и пријатна порака.’ И јас ќе речам, супер е, учиш.

А сигурна сум дека го полудувам во некои други ситуации затоа што тој зборува на цели јазици што јас не ги зборувам. На пример, не зборувам ни стриповски ни nerd. Се обидуваме да се радуваме на можноста да се едуцираме меѓу себе за она што не ни влегло во основна опрема.”

3 април 2019 - 17:59