Мора да е интересно да се живее во земја каде што работите до толку се прават по ред, што се стига до дилемата колку е фер, жените кои претходно придонесувале кон опасно општество да имаат пристап до фризер и надградба на трепки.
На кратко ќе заборавиме каде сме ние и ќе тркнеме до Орегон, каде што се наоѓа женскиот затвор Кофи Крик. Жените таму се често затворени заради ненасилни дела, од дрога до проституција, до кои стигнале поради непријатни околности во животот. Облечени се во машки фармерки и маици и како што бива во секој затвор, полека почнуваат да го губат идентитетот. Но сепак таму, во Кофи Крик, како дел од програмата за рехабилитација, затвореничките можат да земат курсеви за фризура, шминка и нокти.
Една од нив, Кендис Алтман вели:
„Ако за нешто ме бива, тоа е шминка.”
Има 34 години, учи козметологија во програмата за рехабилитација на Кофи Крик (која е комплетно акредитирана, инаку). Секој ден оди во собата за козметологија и учи за последните естетски трендови, од шишање до фарбање коса, надградба на трепки и маникир. Години претходно, училницата била мала, сега има четири пати повеќе ученички од почетокот.
Програмата ги намалува шансите за враќање назад во затворот. Истовремено, се намалуваат шансите за проблеми во однесувањето додека се внатре. Жените почнуваат да прават подобри избори за себе, и додека се затворени и кога ќе излезат.
Убавината е само дел од една комплексна сложувалка, но е дел што може да промени животи. „Тоа е привилегија на која сите ѝ се радуваат,” вели Алтман. „Не се работи само за тоа дали ги заслужуваш овие работи, туку за рехабилитирање луѓе, за давање надеж и спречување да ги повторат истите циклуси и повторно да завршат во затвор.”