Патувале од Луизијана, а престојувале во луксузниот Манта Ресорт, популарен поради сместувањето на и под вода.
Кенеша Антоан е запросената девојка која остана без вереник уште пред да го добие. На Фејсбук пишува дека била во нивната подводна соба, кога дечко ѝ, Стивен Вебер тропнал на стаклото со порака - и со прстен.
На пораката пишувало:
„Не можам доволно долго да го задржам здивот за да ти ги кажам сите нешта што ги сакам кај тебе. Но… Се што сакам кај тебе, го сакам се повеќе, со секој ден. Те молам биди ми жена. Ќе се омажиш за мене?”
Пораката ја лепи на стаклото, за девојка му да ја прочита, ама не стига да излезе на површина за, како што ќе се изрази Базфид, да ја чуе како му вика да.
Романтичните, драматични, екстремни запросувања се еден интересен феномен, се додека ѓаволот не ја однесе шалата, и не сфатат луѓето дека понекогаш е доволно само да прашаш. Без да висиш наопачки од хеликоптер, без да турираш со мотор, без да стоиш на една нога, и побогу, без да одиш до бестрага под вода, без да пресметаш колку време ќе ти треба за назад.
„Не стигнавме да го пречекаме и прославиме почетокот на нашиот заеднички живот, затоа што најдобриот ден во животот излезе најлош, со најсуровиот пресврт на судбината што можеше да се замисли,” вели Антоан. „Ќе се обидам да најдам утеха во фактот што уживавме во прекрасни искуства последниве неколку дена и двајцата бевме среќни и возбудени во последните заеднички моменти.”
Фрустрирачки трагично.
А требало само да праша. Над вода.