25 години заробена во мрачна соба:

Тажната, надреална приказна за Бланш Моние

Често се случува родителите да не ти го одобруваат дечкото, ама не е баш често да те затворат 25 години во соба, ако „не ти иде памет“. Ова ѝ се има случено на Бланш Моние, која мајка ѝ на 25 години ја има заклучено во соба, од каде што излегува како нешто што едвај личи на човек на свои 50.

Живеела во валкана, темна соба и била принудена да преживува од остатоци од храна. Не била физички малтретирана, но психолошката тортура со тек на време ја полудела. Врисоците никој не ѝ ги слушал, или можеби ѝ ги игнорирале две децении, додека властите не ја спасиле во 1901, но дотогаш, психата ѝ била неповратно уништена.

Бланш Моние била атрактивна девојка од високото добро утро. Во 1876, кога имала само 25 години, едноставно - исчезнала од јавност. На многумина ова им било чудно, бидејќи целото нејзино семејство било познато и почитувано, а со тек на време, соседите дознале дека мајка ѝ ја држи заробена - но секогаш кога се слушало врескање, мајката едноставно објаснувала дека Бланш е полудена.

А не само што ја држела подалеку од очите на јавноста: со катанец ја заклучила во темна соба без прозорци, без дозвола да има било каква интеракција со други луѓе, освен мајка ѝ, брат ѝ и по некој слуга што носел остатоци од храна. Ја држеле гола, едвај ухранета и не ѝ дозволувале никаква лична хигиена. Половина живот лежела на кревет, каде што јадела, уринирала и дефецирала. Никогаш за време на овој период не се избањала. Станувала сѐ понеухранета и бидејќи собата била сѐ повалкана, почнале да се собираат секакви штетници, главно стаорци и бубачки.

Во 1901, главниот обвинител во Франција добива анонимно писмо, каде детално се опишува судбината на „една стара девојка“ во куќата на семејството Моние, која ја држат против нејзина волја.

„Имам чест да Ве информирам за исклучително сериозен случај. Зборувам за една жена заклучена во куќата на Мадам Моние, изгладнета и живее од ѓубре последниве 25 години - со еден збор - во сопствената прљавштина.“

Писмото веднаш води до истрага - отпрвин, полицијата е скептична бидејќи заедницата го смета семејството Моние за столб на доблест и служба. Сепак, влегуваат за да видат дали анонимното писмо држи вода. Се разбира, запрепастени се од условите во кои ја наоѓаат Бланш.

До ден денес не се знае кој го напишал писмото - некои сметаат дека е брат ѝ, а други (што е поверојатно) дека е брачен партнер на некој од послугата.

Од извештајот:

„Веднаш наредивме да се отворат прозорците. Ова беше тешко, затоа што темните завеси паднаа и кренаа огромна количина прашина. За да ги отвориме ролетните, моравме да ги извадиме од шарките. Кога влезе светлина, забележавме во крајниот дел на собата, на кревет, со телото и главата покриени со ужасно валкано ќебе - жена која беше идентификувана како г-ца Бланш Моние. Несреќната жена лежеше гола на скапан душек од слама. Насекаде имаше засушени телесни течности, делови од месо, зеленчук, риба и скапан леб. Видовме и инсекти како трчаат низ нејзиниот кревет. Воздухот беше толку тежок, толку невозможен за дишење што не можевме да останеме подолго за да продолжиме со истрагата.“

Полицајците набрзина ја покриле преплашената жена и ја префрлиле во болница во Париз. Едвај тешка 25 кила, чудо било што е воопшто жива. Сонце немала видено 25 години и се исплашиле кога ја извадиле на отворено. Истражувачите забележале дека и ѕидовите ги имала испишано со зборови и фрази поврзани со нејзината слобода.

Зошто сево ова?

Сопругот на Мадам Моние бил починат, па сѐ било оставено во нејзини раце. Било многу важно Бланш да најде добар додворувач, за да може семејството да продолжи да цвета. И навистина нашла, постар адвокат кој живеел блиску до нејзиниот дом.

Мајка ѝ на ова остро се спротиставила - адвокатот бил многу постар и многу понеуспешен од другите додворувачи. Ја затворила Бланш и ѝ поставила ултиматум - девојката избрала љубов и мајка ѝ продолжила да ја држи затворена, и тоа долго откако адвокатот умрел и веќе не бил закана за семејниот статус.

Во целата приказна, брат ѝ не прави буквално ништо за да ѝ помогне. Тврдел дека прво се обидел да интервенира, но не можел да се бори со авторитетот на мајката.

Правдата на крај не е богзнае колку задоволена - евидентно било дека Мадам Моние била со кревко здравје уште кога полицијата влегла да ја спасува Бланш - имала 70 години и страдала од ненаведени проблеми со срцето. Кога ја однеле во затвор, наскоро морале да ја префрлат во затворската болница и петнаесет дена подоцна, умрела од компликации со срцето. Во книгата која ја обработува приказната, се вели дека последните денови од својот живот, Мадам Моние го сменила тестаментот и побарала семејното богатство да се користи за лекување на нејзината ќерка. Наводно, последните зборови ѝ биле „Кутрата моја Бланш!“

Глупиот брат го суделе како соучесник, но го ослободиле. Мештаните биле разбеснети од целиот случај, па во судењето гледале катарза за нивниот бес. Во своја одбрана, Марсел Моние рекол дека мајка му била одговорна за семјеството, не тој, и дека се трудел на сестра му да ѝ биде што е можно поудобно, но немал разбирачка со мајка им. Судот имал потешкотии да го обвини, но сепак добил 15 месеци затвор заради неговото соучесништво. Но, бидејќи и самиот бил адвокат, поднел жалба под изговор дека никогаш не бил насилен со сестра му и бидејќи Франција не те терети за злосторник ако не си ослободил некој што не си го заробил лично ти, жалбата му успеала и судот ги отфрлил обвинувањата. Тоа не го спречило народот во Франција да се буни и наскоро, со сопственото семејство бил принуден да бега и да живее далеку од очите на јавноста.

По спасувањето, луѓето забележале дека Бланш веќе не може нормално да зборува и е во тотален делириум. Полицијата ги испрашувала мајката и братот, кој патем тврдел дека Бланш е „грозна, бесна, превозбудена и гневна“, обидувајќи се да ја оправда екстремната изолација. Сепак, кога ја спасиле не покажала ништо од тоа - додека ја бањале болничарки, била смирена и среќна. После одреден период нормална грижа, почнала да добива на тежина и да кажува кратки фрази. Сепак, траумата била толку голема, што никогаш не успеала да се опорави. Живеела во санаториум 12 години, до смртта во 1913.

Нејзината приказна е толку потресна што успева да се вплетка и во поп-култура, да инспирира биографски книги и белетристика дури и да заврши како референца во „Американска хорор приказна.“

8 ноември 2020 - 21:57