Со авион до работа е поевтино од селење во Њујорк

Софија Селентано, 21-годишна практикантка што добила работа во Њујорк, одлучува дека ѝ е попаметно и поевтино еднаш неделно да лета 1000 километри, наместо да плаќа 3500 долари кирија.

Патот до работа на Селентано ѝ почнува во сред ноќ - во 3.30 наутро ѝ ѕвони алармот, има саат време да се одвезе до аеродромот на Чарлстон, Јужна Каролина и да се качи на авион за да стигне до работа.

Оди на пракса еднаш неделно во Њу Џерси и не сакала да се придружи на реките млади практиканти што летно време се мачат да најдат пристојни кирии во и околу Њујорк Сити. И бидејќи само еднаш неделно е потребна на работа, финансиски ѝ многу е полесно да лета до таму, отколку да плаќа месечна кирија на практикантска плата.

Ова се вика super-commuting, (commuting е изразот за патување од и до работа) и се дефинира како патување на долги дистанци со авион, воз или автобус, повеќе од 90 минути по правец и стана популарно за време на пандемијата, кога компаниите прифатија хибридни модели на работа, а луѓето почнаа да бегаат од големите градови. Плус, се штедат илјадници долари и колку и да е малтретирање, Селентано на овој начин штеди дури 2000 долари.

Просечната кирија во Парсипани каде што живеат нејзините е 1730 долари месечно за гарсоњера, а околу 3500 во Њујорк, и тоа без сметки, храна, гориво или други трошоци што таа би морала да ги покрива за време на летото. Не кажува колку заработува, но проценува дека за да живее во Њујорк, блиску до работа од јуни до август, треба да потроши 4250 долари, ако има среќа да најде стан што чини помалку од 1000 долари. А станува смешно кога ќе се земе предвид дека само еднаш неделно е на работа. Наспроти ова, патувањето од Чарлстон до Њујорк ја чини 225 долари, сосе Уберите до работа и храната. Секоја среда во 6 наутро се качува на лет што чини 27 долари, а се враќа во 9 навечер за 60. Од дома носи појадок и вечера. Праксата ѝ трае 10 недели и ќе потроши околу 2250 долари, штедејќи 200 долари неделно.

Селентано не е ни редок случај - некои луѓе доаѓаат од Бостон или Филаделфија, дури и од Атланта.

„Секако, селење во нов град звучи возбудливо и добро е да се тераш надвор од комфорнатазона, но таква промена не ми беше потребна во животот во моментов,“ вели таа. „Благодарна сум што најдов работодавач што го поддржува тоа, дури и иронично е што ова ми помогна да водам поздрав живот.“

20 јуни 2023 - 15:39