Што се случи со Бејби од „Dirty Dancing“?

Површната информација е дека престанала да добива улоги откако го оперирала носот и со тоа ја изгубила маркантноста заради која ја ангажирале претходно. А токму пред да се појави филмот во кината, доживува траума.

Во 1984, Џенифер Греј дебитираше на филм со романтичната комедија Reckless. Неколку години добиваше споредни улоги, за во 1987 година да ја добие улогата на Бејби во Dirty Dancing кој успеале да го снимат за само 6 милиони долари и не ни планирале да направи којзнае што во кино.

Наместо тоа, филмот заработува 213 милиони долари и уште милиони од продажба на касети - не се задржа само на епитетот „хит“, туку и културолошки феномен и ознака на Генерацијата Икс. Песната доби Греми и Оскар за најдобра оригинална песна. И Патрик Свејзи можеби беше ѕвездата на филмот, но срцето беше токму Греј, која привлекуваше публика само затоа што не изгледаше како останатите актерки што ги ангажираа во главни улоги.

Но, баш пред Dirty Dancing да влезе во кината, Греј имала сообраќајка со тогашниот дечко Метју Бродерик, додека тој возел на некој одмор во Ирска. Останатите двајца патници загинале.

Греј со години не можела да се ослободи од емотивната и физичката траума.

„Телото веќе не ми беше исто, главата не ми беше иста, амбицијата не ми беше иста. Станав миленичка на Америка пет дена по несреќата. Таа длабока тага, таа вина на преживеан... А потоа те слават како новата ѕвезда и тоа беше неспојливо. Не ми беше убаво да сум ѕвезда во тој момент.“

Подоцна има направено две пластични операции по кои повеќе личи на обична главна актерка, но веќе не личи на себе.

„Во операциона сала влегов како ѕвезда, а излегов анонимна. Беше корекција на нос од пеколот. Секогаш ќе бидам онаа некогаш-славната актерка што сега никој не ја препознава поради носот.“

После тоа се појави во уште неколку телевизиски филмови и серии, од кои во една беше централна шегата за падот на Џенифер Греј поради носот. Ако некој сака да ја бара, се вика It's Like, You Know...

Се појави и на Танц со ѕвездите и победи, а најнова ѝ е серијата Red Oaks на Прајм Видео.

31 август 2023 - 00:00