Што ќе се случува сега кога Чарлс е крал?

Во моментот кога почина кралицата Елизабета вчера, Чарлс автоматски стана крал. Таа стана монарх што најдолго се задржал на тронот, а Чарлс стана најстариот наследник.

Принцот Чарлс станува Чарлс III
Во британската монархија, тие на тронот често го менуваат името. Името на кралицата Викторија всушност беше Александрина, а кралот Џорџ VI беше роден како Алберт. За Чарлс, некои сметаа дека ќе го смени името - досега нацијата ги имала двајца, и тоа хаотични: Чарлс I беше прогласен за предавник и погубен, а Чарлс II беше познат по скандалозниот љубовен живот.
Сепак, од куќата Кларенс објавија дека Чарлс ќе го земе името Чарлс III по смртта на Елизабета.

Првите 12 дена од неговото владеење ќе бидат денови на жалост за кралицата Елизабета
Британија влегува во жалост во наредниве 12 дена, а бидејќи Чарлс автоматски стана крал, почнува со владеење со нација во жалост. Во овој период, се очекува телото на кралицата да се положи во Вестминстер Хол, каде што ќе може да се посети и да се оддаде почит. Бибиси ќе се воздржи од емитување комедии. Официјалната церемонија за крунисување на новиот крал ќе следи неколку месеци подоцна.

Чарлс може наскоро да се обрати на нацијата
Првото обраќање му беше за смртта на мајка му, но можно е во наредните неколку дена да се обрати повторно. Се очекува да ги посети Единбург, Белфаст и Кардиф за да ја собере нацијата и да присуствува на служби. Потоа, Обединетото Кралство конечно ќе ја смени химната од „Боже чувај ја кралицата“ во „Боже чувај го кралот“.

Ќе се спремаат за првото крунисување од 1953 наваму
Крунисување немале уште од 2 јуни, 1953 - толку одамна, што било прво крунисување што се емитувало на телевизија. Настанот го гледале 27 милиони луѓе само дома, а уште милиони ширум светот.
Чарлс ќе стане 40-от британски монарх крунисан во опатијата Вестминстер. Плановите за крунисувањето се во тек.

Некои мислеа дека ќе се откаже во корист на Вилијам
По правило, наследник на британскиот монарх е директниот потомок. Идејата дека Чарлс ќе се тргне, за да се оди директно на Вилијам со години се рециклираше по таблоиди, но како што објаснува уредничката на списанието Majesty, Ингрид Суард:

„Не е тоа работа како камионџија. Имаме наследена монархија и се пренесува од генерација на генерација и немаш избор. Со генерации е така, само смртта го одложува тоа. Тоа е природниот ред на нештата.“

На прашањето зошто Елизабета не го прогласила Вилијам за наследник и не го прескокнала Чарлс, Суард вели:

„Кралицата нема моќ да носи такви одлуки.“

Принцот Вилијам ќе стане Принцот од Велс
Кога Чарлс ќе дојде на тронот, ќе се сменат и титулите на неговите деца. Принцот Вилијам сè уште ќе биде Војвода од Кембриџ, но ќе го додаде и Принцот од Велс. Може да го наследи и Корнвол, кој моментално го менаџира Чарлс и се проценува на 1,2 милијарди долари.
Ќе се смени и редоследот за тронот кај неговите деца. Џорџ се преместува на второ место, а по него доаѓа Шарлот, благодарение на амандманот донесен во 2011, каде што редоследот ја следи возраста на децата, без разлика на полот.

Кејт може да ја земе титулата на Дајана, но може и да ја пензионира од почит
Уште од 13 век, наследникот на кралот е принц од Велс, а неговата сопруга е принцеза од Велс.
Дајана ја прослави титулата, а од почит, сопругата на Чарлс, Камила не ја користи. Сега кога Чарлс е крал, Вилијам станува Принц од Велс, Кејт може да избере да не ја земе титулата од почит кон принцезата Дајана, па да биде Војвотка од Кембриџ додека Вилијам не стане крал, во кој што момент би станала кралица-придружничка или сопруга. Сепак, повеќето се уверени дека ќе ја земе титулата за да ја продолжи оставштината на Дајана.

Камила ќе стане кралица-сопруга
Кога се земаа Чарлс и Камила во 2005, само 7 проценти од јавноста се согласуваа таа да биде кралица по евентуалното крунисување на Чарлс. Како одговор на тоа, Чарлс објави дека кога ќе стане крал, за нејзе ќе има поинаква титула: принцеза-сопруга. Со тоа планираа да избегнат ПР-проблеми поради нејзината непопуларност.
Оттогаш, популарноста ѝ достигна неочекувани размери, па веројатно му се промениле плановите. Во официјалното обраќање од Бакингемската палата за смртта на Елизабета, за Камила напишаа „кралицата-сопруга“.

Нов јубилеј нема да видиме во скоро време
На дијамантскиот јубилеј на кралицата Викторија се славеле 60 години владеење, а кралицата Елизабета стана втор монарх што успеа да ги прослави, а потоа и прв што прослави платинест јубилеј во 2022. Чарлс веќе има над 70 и не е сигурно дали ќе владее доволно долго за да го прослави првиот јубилеј од 25 години.

Ќе се сменат поштенските сандачиња
Кога ќе дојде нов монарх на власт, се менуваат поштенските сандачиња во земјата. На сите има кралска шифра што го претставува монархот на власт, па така сегашните симболи значат „Elizabeth II Regina“. Само во Англија има над 85.000 сандачиња, па секогаш кога ќе се прават нови, ќе ја носат шифрата на Чарлс. Најстарите се од 1850-те, и имаат шифра на кралицата Викторија.

Британија ќе почне да печати пари и марки со портретот на Чарлс
Веќе и се смета дека одамна седнал да го сликаат и да ги спремат. Нови банкноти ќе се печатат уште веднаш, а во период од неколку години, новата валута со Чарлс ќе ги замени старите со Елзиабета. И ќе се појави на новите марки.

9 септември 2022 - 12:12