Седумте светски чуда за 2023

И сите можат да се видат.

Од оригиналните Седум светски чуда стојат само пирамидите во Гиза. Висечките градини на Вавилон, светилникот на Александрија, храмот на Артемида, Колосот од Родос, статуата на Зевс и мавзолејот на Халикарнас се веќе само прав и запис. Принудени сме да бараме нови, на нашето време и тоа чуда што можеш сам да ги видиш, без некој да ти раскажува.

1. Мон Сан Мишел, Франција

Пред 1000 години, во 1023, почнала изградбата на готската бенедиктинска опатија позната низ средновековниот свет како „Чудото на западот“.

И има зошто. На врв на карпест рид, сред заливот на планината Сан Мишел, личи на глетка од сон. Плимата и осеката овде варираат со најголеми разлики во Европа и кога е повлечена водата, може да се шета бос по песок. Кога надоаѓа, изгледа како замок што плови сред море.

2. Глечерот Перито Морено, Аргентина

Многумина го сметаат за најубавиот глечер на планетата. Се наоѓа во националниот парк Лос Гласијарес во јужните делови на Патагонија и огромниот ѕид од искршен, тиркизен мраз покрива над 260 километри и висок е 60 метри.

3. АлУла, Саудиска Арабија

Местото има неверојатна историја и културно наследство, но до неодамна, никој немаше слушнато за него, а не па да го посети. Од скоро, вратите се отворени за посетители што сега можат да сведочат за парчето арапска историја старо 200.000 години. Има големи гробници издлабени во карпи од црвен песок, а стариот град е лавиринт од сега напуштени куќи од кал. Се смета дека само 5 проценти од целиот локалитет се откриени.

4. Манастирот Тигрово гнездо, Бутан

На крајот на 2022 се заврши долгоочекуваната трансбутанска патека за пешачење која поминува низ 27 села, дестици храмови и 12 планински премини. Манастирот Тигрово гнездо е посебен затоа што се наоѓа на раб на карпа 1000 метри над долината Паро и е комплекс од четири будистички храмови и згради. Изгледа нереално, но затоа е и прогласен за светско чудо.

5. Кападокија, Турција

Годинава се навршуваат 100 години од падот на Отоманската империја и почетокот на модерна Турција, дом на едно од сегашните природни светски чуда - Кападокија. Има огромни камени кули наречени „самовилски оџаци“ што прават надреален пејсаж, но она што ја прави Кападокија посебна се наоѓа внатре во нив - детално изгравирани фасади, скалишта, врати и прозорци, а внатре и надолу - цели градови како наопаку поставени облакодери. Во некои може и да се сместиш. А балоните на топол воздух веќе ги имате видено во понуди од агенции.

6. Езерската област, Велика Британија

Има патека за пешачење од 300 километри во северна Англија по која можат да се видат секакви убавини, но највпечатлив е делот што поминува преку Езерската област. Се работи за национален парк со езеро, водопади и највисокиот врв во Англија. Вордсворт седејќи таму има напишано дека се работи за најубавото место што човекот некогаш го открил.

7. Мигрирањето на сардините, Јужна Африка

Во еден од најинтересните „настани“ во океанот, секоја година од мај до јули, десетици милиони сардини мигрираат по Дивиот брег на Јужна Африка. Активноста на водата е толку интензивна, што може да се види од авион. И сардините се само дел од приказната, затоа што по нив одат големи бели ајкули, орки и бројни други предатори. Нуркачите што истражуваат овој период се опкружени со огромни топки сребрени крлушки што се движат низ водата, обидувајќи се да избегаат од сите предатори, кои инаку се незаинтересирани за луѓето во тој момент затоа што имаат „премногу избор“.

12 јуни 2023 - 12:24