Позајмено интервју:

Робин Рајт: Секогаш правиме компромиси

„Уметноста не е мртва, но е раритет. Малцинство. Тоа ми е тажно.“

Г-це Рајт, децата неодамна ви го напуштија гнездото. Дали ве плаши што повторно сте слободна?
Не. Многу сум блиска со децата, но интересно е, сега си отидоа и веќе сакаат назад. Само три месеци поминаа!

Како е? Како повторно да имате 21 година?
Да! Супер е. Едноставно имаш време. Не мораш веќе да разнесуваш деца на фудбал. Буквално!

Што им е во план?
Ќерка ми е во Њујорк на школување. Син ми матурираше и отиде на Хаити да работи за организацијата на татко му и таму го продолжи престојот. Неверојатно е тоа што го прави.

Мора да ви е тешко, како мајка, сепак.
Да, но тоа му е во крвта. Шон е роден со таа потреба да помага. И многу е убаво да се види што има направено неговата организација. Нудат итна помош и имаат поставено шатори, но таму каде што Лекари без граници, Црвен крст или УНИЦЕФ влегуваат, па ќе се откажат, Шон останува и најмува мештани. Едуцирани доктори, логистичари, болничари, учители за децата - и сега 98% од организацијата ја води локалното население.

Имало ли моменти кога сте мислеле дека Шон се става во опасност? Дури беше и во Иран кога никој не се осмели да оди таму…
Тој момент беше страшен. Се сеќавам. Не се чувствував така во Багдад кога отиде, но кога отиде во Иран навистина се збогував со него. Му реков, „За секој случај, стварно се поздравувам.“ Затоа што немавме контакт кога беше таму. Да, тоа беше гадно.

Но, и вие сте активен хуманитарец, нели?
Ако можам да го искористам мојот селебрити-статус за да кренам свест, секако дека го правам тоа. Сите треба, секој од нас. Никогаш не ми било во природата да одам на црвен тепих и да речам „Објавете ме!“ Едно е да излезеш и да подржиш филм и да, мораш да останеш во играта до одреден степен и да правиш такви работи, но имаш и пасии во животот. Не сум заинтересирана за пасија за црвен тепих.

Но, можеби ќе ви помогнеше во кариерата...
Немам такви каења. Правев тоа што сакав. Имам нула желба - не сум имала и нема ни да имам - за јавноста да знае која сум. Секако ќе си носат заклучоци. Го прават тоа, измислуваат каков си, па ги оставаш. Има дури и нешто мастурбативно во тоа. Не, сакав да си ги воспитувам децата, сакав да бидам во семејство, не сакав да бидам на насловна на Пипл, како Бред и Анџелина. Дефинитивно не сакав.

Веројатно тоа ве прави исклучок.
Многу е тажно. Тажно, затоа што речиси како да го губиме елементот на уметништво. Мислам дека уметноста е многу поназад, зад велот. Не е мртва, но е раритет. Малцинство. Тоа ми е тажно. Sвезди и слава стануваат мнозинство.

Мислите дека опчинетоста со ѕвездениот статус ќе пропадне и ќе се врати на нормално ниво?
Не, се разбира дека не. Индустријата не може сама да преживее. Го имаш тоа уметничко малцинство и потоа имаш мнозинство кое има тенденција да победи; способна е подолго да издржи мислам и само со лоши филмови.

Што значи тоа, кога барате добри улоги?
Понекогаш мора да снимиш нешто за пари, за да платиш сметки, но не мораш да одиш до максимум комерцијала и надвор од себе - не мораш до крај да лажеш. Но, делумно лажирање е понекогаш потребно во животот. Мораш да ги нахраниш децата, сакаш да си среќен, сакаш да патуваш. Секогаш правиме компромис до одреден степен: Мудро ли е да се влезе овде за пари, во оваа улога, во овој временски период? Дали е ова нешто со кое сакам да ме поврзуваат? Кој друг е внатре?

Помага ли ако во проектот учествува и пријател?
Да, но понекогаш тоа ги отежнува работите. На пример, неодамна снимив филм со Вуди Харелсон. Го познавам Вуди веќе 15 години. Другарчиња сме и од исто место потекнуваме, па отсекогаш сме имале посебен однос, но тоа што сме како брат и сестра беше тешко за улогата.

Зошто?
Кога прв пат се најдовме за филмот, му реков, „Вуд, многу сакам да ја прифатам улогава, но ти си ми брат, а мора да… имаме секс во филмот. И едноставно не можам.“ И тој, со јужњачки акцент ми рече „Па, ти си ми згодната сестра. Мислам дека можеме.“ Реков, „Не, не можам. Мора многу, многу да се начукаме пред да снимаме.“

Колку време ви требаше да снимите?
Го сплескавме во два обиди.

Колку време ви требаше да се начукате?
15 минути.

Текила?
Па, тој си го пие неговото органско вино, веганско. Јас мислам дека љуштев текила за тој пат. Тешко беше.

The Talks

4 јули 2022 - 12:11