Ви текнува дека Хари и Меган се збркаа кога почина кралицата и Чарлс стана крал, па се појавија и гласини дека барале нова монтажа што баш и нема така отворено да го пушта кралското семејство низ вода? Толку многу измени барале, што Нетфликс за малку и ќе ја ставеше серијата во фиока на неодредено.
Можно е да успеале нешто да се договорат, затоа што, како се залетаа во првите три епизоди, од четврта (кога е и свадбата) нешто многу пријатно им се гледа семејството.
Недогледливо е, па да ги извадиме главните заклучоци. Серијата е всушност за неповторливата, никогаш-веќе-не-ќе-се-роди Меган Маркл и нејзините велелепни достигнувања во животот, што гарант секако ќе се случеле и да не станеше војвотка. Еден од најславните принцови на нашето време е само привезок што случајно ѝ се погодил, но и фала богу, ете, бидејќи и нивната љубов е „љубав стољеча“ каква што никој не видел.
Како беа наапани да се жалат, просто е човек неспремен на сите мили присетувања на топлоста на Чарлс и фактот што Елизабета II е пред се, само една баба, со која Меган изградила уникатен однос (каков што никој во семејството не изградил, нели), затоа што и самата била блиска со нејзината баба.
На секои пет минути нè потсетуваат дека Меган како со комбајн влегува во закоравената традиција и ја превртува на глава, зашто - само Меган тоа го може. Зошто точно оваа жена е толку „еднаш во милениум“ баш и не ни објаснуваат, ама за секој случај ќе повторат: „Веднаш знаев дека ова е човек што ќе го промени кралството засекогаш.“
Еве, не го промени.
Многумина се и воодушевени од новите трогателни сцени, посебно од една каде што Меган уплакана седи на фотелја, а позади неа се шаренее Ермес ќебе од 3000 фунти. Но, не давајте тоа да ви ја обесхрабри помислата дека Меган е жена од народот. Токму како таква ќе оди во шелтер за луѓе кои изгубија имот и семејство во еден пожар во сиромашниот дел на Лондон, па како дури двајца наши премиери пред камери ќе засука ракави да помогне.
Сето ова зачинето со несмешни интерни шеги на кауч во нивната дневна соба, како кога тотално незанимливи луѓе ти кажуваат нешто просечно што им се случило и се смеат на крајот на приказната, а ти се кезиш ко зевзек од незгодно.
Доста беше и една епизода од продолжениево.