Хари и Меган се парот со кој никако не сакате да се дружите

Во моментов нема поглупо од документарната серија за принцот Хари и Меган Маркл на Нетфликс. Меѓу себе се викаат Х и М (Ејч ен Ем, бе!), нонстоп се нешто запипани, те за раце, те него му е раката околу неа, сакаат да нè убедат дека нивната љубов е нешто посебно и генерално се досадни. Точно парот во друштво што сите некако забораваат да го викнат затоа што ќе отечат и нема да престанат да ги почнуваат речениците со „Ние“. „Ние го гледавме...“, „Ние мислиме дека...“, „Ние какавме...“

Почнува со нешто што подоцна дознаваме дека е видео-дневник, почнат во 2020 (хм, како ли им текнало, сигурно уште од тогаш не знаеле дека ќе го прикажат во јавност?), каде што двајцата наизменично патат. Можеби и стварно пателе, ама конкретно актерката Меган Маркл некако поспецифично, подемонстративно пати, без разлика што тоа е видео-дневник за свои очи.

Оттаму нè носат во нивниот едноставен живот, каков што сите живееме, нели, се гушкаме со децата, храниме кокошки, имаме двор од седум милиони квадрати во Калифорнија... И почнуваат да нè воведуваат во нивната љубовна приказна која е тотално мистерија зошто сметаат дека е вредна за раскажување. Развлечена по етапи што магично се етапи за почетокот на секоја можна фина врска на планетава (он ме побара на Инста, јас го проверив кој е, се допишувавме, отидовме на пијачка, многу убаво си поминавме). Па, ја викнал со него во Боцвана (Хари се лечеше од јавен живот со тоа што нонстоп одеше во Африка и се дружеше и работеше со локално население) па таму, леле - не знаеле како да се однесуваат, па леле, леле - во кола се фатиле за рака, па леле, леле, леле! - се пољубиле.

И ова трае дооооолго.

Имал Хари и долг список за тоа што треба една жена да има во себе за да биде со него.

И замислете, покажува на Меган и вели „ова е списокот“.

Сфативме.

Многу се сакаат.

Сето ова додека Рајан Рејнолдс објаснува како, откако добил деца, сфатил што е човечка жртва и дека ако се во опасност, во секое време ќе ја искористи жена му како жив штит за да ги спаси.

И нам некако ни е совршено јасно колку он ја сака жена му. Наспроти тоа, Хари и Меган нè дават „да не случајно не сме пофатиле“.

Уште на почеток, во врхунски осмилено режисерско „изненадување“ им пуштаат некое видео од Меган пред да го запознае Хари.

Меган запрепастена!

Никогаш не би очекувала вакво изненадување!

Ах, режија, кучиња едни.

Епизодата станува неочекувано интересна кога се претвора во документарец за детството на Хари, уникатно ужасните британски медиуми и папараци и справувањето со тоа. Овде престануваш да се расправаш со телевизорот, и сериозно гледаш, од симпатични моменти на денешниот крал, како се обидува да му привлече внимание на малиот Хари за сликање, до културната молба на Дајана да не ги гњават на скијање.

И тогаш ти светнува... Ако првата епизода е пофокусирана на Хари...

Втората ќе биде за Меган!

Кој ќе го издржи тоа, побогу?!

Како и да е, стигаш до втора епизода.

Таму, принцот Хари, детето растено, бркано и малтретирано од папараци од колевка, чија мајка загина додека ја бркаа папараци, и просечната актерка и бивша војвотка Меган Маркл влегуваат во кола (со шофер, како сите што имаме, исти сме) и се возат до некаде, но одеднаш - здогледуваат камера!

Папараци!

(Не ни ги покажуваат.)

Со преплашени лица како да ги брка сурија лавови се вртат наоколу, па гледаат позади, па туф, па фат за раче, да се тешиме.

Не е страшно.

Јас ти верувам дека ќе ме заштитиш, му вика она. Ова два-три пати му го кажува. Во случај да не разбирате дека партнерите меѓу другото, треба и да се штитат меѓу себе, од секакви неприлики, еве ако не знаевте, Хари и Меган ќе ви кажат.

Нека е и цела серија апсолутно неизглумена - многу е храбро да пробуваш да убедиш публика дека така драматично се реагира на папараци ако си принц Хари и Меган Маркл.

После тоа, епизодата полека лизга кон приказната и детството на Меган Маркл и тука гасиш, затоа што ретко кој е така исклучително незанимлив.

Каде е главниот проблем во постоењето на оваа серија?

Па, Хари и Меган од петни жили се трудат да нè убедат колку им било трауматично залепени во медиуми секој ден, со лаги, клевети и грозотии. Не се чувствувале безбедно, морале да си одат, морале, заради доброто на нивното семејство.

Дали отидоа од другата страна на океанот, да се забарикадираат со дебели ѕидови, да ги заборават, да не бидат веќе интересни, па да ги остават на раат и да си ги растат децата на мир, да уживаат во приватноста?

Не.

Меган направи подкаст.

Напиша колумна за спонтаниот абортус.

Ни ги сликаа децата милион пати.

Хари издава автобиографија.

Имаат факинг серија што го пушта ЦЕЛИОТ свет зад нивните „дебели“ ѕидови.

За да му кажат на светот, ние само сакаме нормално да живееме.

Дали да гледате?

Па, ако ви се студира до кој степен се спремни јавните личности да бидат залудни, ако ви се гледа како се бива „спонтан“, ама по сценарио, или, ако ве интересираат развлечени неинтересности за животот на еден интересен принц и една неинтересна глумица во серија, ако.

-Јана, Off Café

9 декември 2022 - 13:24