Правилото од 12 секунди што „ве лаже“ да бидете попозитивни

Позитивниот став е суштински потребен за физичко и емотивно здравје. За жал, знае да ни бега, ама па има едно „12-секунди“ правило што одма те прелажува и - функционира.

Негативните мисли се нормална работа и како луѓе природно гравитираме кон нив. Мозокот посилно реагира на негативни чувства и подобро учи лекции од непријатни искуства, отколку од добри. Со други зборови, болните работи полесно ни се врежуваат во мозокот и ова нѐ држело во живот уште кога сме биле ловци и собирачи. За тогаш е супер, ама за 21 век е напор.

Инаку, мозокот ни е неверојатен. Може сака да си мисли на лоши работи, ама барем добро реагира на преспојување. А за преспојување, според некои експерти му требаат само 12 секунди.

Се градат нови конекции меѓу невроните - комуникаторите во мозокот и носат пораки од еден до друг дел од него, а од мозокот и во други делови на нервниот систем. Невроните се тие што ги поврзуваат добрите искуства со добри емоции. На пример, ако се качиш на Монт Еверест ќе бидеш среќен и горд (за кого како) - невроните ќе го поврзат тоа со позитивност и ако често се качуваш на врвови на планини, мозокот ќе продолжи да го поврзува „качувањето“ со „среќа“.

Е сега, ако сакаме да го „зезнеме“ мозокот, можеме да изградиме нови неврални конекции со чувствата. Кога сме под стрес, ни расте нивото на кортизол. Кортизолот прави тригер на итност и реакција на „борба или бегство“. Премногу кортизол ги зголемува шансите да паднеме во депресија или анксиозност.

При незгодни ситуации, пречки, тага и други непријатности, пробајте го правилото од 12 секунди - обидете се да се сетите на нешто позитивно, слика, однос, што и да е. Останете на тоа. Размислувајте за сите причини поради кои мозокот го класифицира ова сеќавање како среќно. Вака може да се прави при секој стрес или кога ќе се фати човек како преминува на негативна територија. Со тек на време, мозокот ќе се истренира да гледа на посветлата страна, наместо да се препушти на негативноста на моментот.

Ова не значи да се игнорираат лошите работи што се случуваат и бараат справување. Само значи дека правиме преспојување на мозокот за да се придвижиме кон позитивното, наместо негативното. Вака се гради отпорност при тешки ситуации, се подобрува општото расположение, дури и се помага борбата против пост-трауматски стрес.

29 септември 2023 - 11:03